На крајот од редовната Генерална аудиенција на Велика среда, 5 април на плоштадот Свети Петар во Ватикан, папата Фрањо потсети на важноста на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир, кој се одбележува на 6 април, и ги повика присутните верниците да се молат за невините жртви на војните ширум светот и за мајките на украинските и руските војници убиени во Украина.
На крајот од Генералната аудиенција на Велика среда, 5 април, папата Фрањо потсети на важноста на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир, кој се одбележува секоја година на 6 април.
Денот е основан од Генералното собрание на Обединетите нации во 2013 година со цел да се истакне придонесот на спортот и физичката активност во образованието, човековиот развој, здравиот начин на живот и мирољубивиот свет.
Погодок за земјата и луѓето
Темата избрана за овогодинешното одбележување е Погодок за земјата и луѓето, со акцент на позитивниот ефект и влијанието на спортот врз одржливиот развој и мирот.
Во поздравот до италијанските ходочасници присутни на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо изрази надеж дека овогодинешната тема може да помогне да се продлабочи посветеноста за солидарност и да се поттикне ставот на пријателство и братско споделување во светот.
Молитва за жртвите од војните и мајките на загинатите војници во Украина
Додека Католичката црква ја слави Страсната недела, Светиот Отец се сети на жртвите на воените злосторства ширум светот, повикувајќи ги присутните верници да се молат за нив и да воздигнат молба до Бога да се преобратат срцата на сите. Исто така повика и на молитва за мајките на украинските и руските војници загинати во војната во Украина.
Гледајќи ја Марија, Богородица, пред Крстот, мислите ми одат кај мајките: кај мајките на украинските и руските војници загинати во војната. Тие се мајки на загинатите деца. Да се молиме за тие мајки.
Во своето обраќање до ходочасниците кои зборуваат арапски, Папата потсети и на невините жртви на војните.
Како што се приближува Велигден, да ги задржиме во нашите мисли и срца страдањата на болните, сиромашните и маргинализираните, сеќавајќи се и на невините жртви на војните за да им подари Христос преку своето воскресение на сите мир, утеха и благослов. Господи мој, благослови ги сите и заштити ги од секакво зло.
Завршувајќи ја аудиенцијата, папата Фрањо уште еднаш повика на молитва за маченичката Украина.
Ватикан њуз/к.мк