После пладневниот наговор во недела 15 јануари 2017 година Светиот Отец упати апел за подобар третман на малолетните мигранти. Присутните ги повика на молитва и конкретна солидарност со малолетните кои се присилени да ја напуштат својата татковина – посебно децата и малолетните кои се присилени да бегаат сами, без придружба на своите родители или постари роднини. Имено денес, 15 јануари 2017 година се одбележува Светскиот ден на мигрантите и бегалците на тема „Малолетниците мигранти ранливи и без глас“. Со тоа во центарот се ставаат неволјите на најмладите мигранти и бегалци.
Неопходно е да се преземе секоја можна мерка за да се обезбедат и заштитат малолетните мигранти – рече Папата – како и нивната интеграција во земјите во кои пристигнале. Малолетните се изложени на многу опасности посебно ако немаат придружба – предупреди Папата – а тоа ја вклучува на пример опасноста да се продадат во ропство и тоа често како сексуално робје.
Светиот Отец посебно ги поздрави претставниците од различните етнички заедници присутни во градот како и оние кои се присутни на плоштадот Свети Петар. „Драги пријатели се надевам дека сте способни да живеете мирно во местата кои ви искажале добредојде, да ги почитувате нивните закони и традиции и – истовремено – да ги негувате вредностите на својата култура“, рече Папата додавајќи: „Средбата на различни култури секогаш претставува збогатување за сите.“
Папата Фрањо на присутните им го препорача примерот на света Франческа Саверио Кабрини заштитничка на мигрантите која преминала во вечноста пред 100 години. „Оваа храбра сестра го посветила својот живот донесувајќи ја Христовата љубов на оние кои биле далеку од дома и семејството. Нејзиното сведоштво ни помага да се грижиме за браќата од далечните земји во кои е присутен Исус, често трпејќи, отфрлени и понижени“, рече на крајот Светиот Отец.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк