Папата основа Секретаријат за економски работи

Со посебен папски документ, Motu proprio „Fidelis dispensator et prudens“ папата Фрањо на 24 февруари основа нова установа за координација на економските работи на Светата Столица и Ватикан. Тоа тело, наречено Секретаријат за економски работи, ќе го води кардинал Џорџ Пел, со наслов префект. Најавените промени ја потврдуваат улогата на APSA (Управа за имотот на Апостолската Столица) како Централна ватиканска банка. Освен тоа, ќе биде основан и нов совет од 15 членови, од кои 8 кардинали или епископи и 7 лаици.

Како верен и мудар управител, има задача внимателно да се грижи за она што му е поверено – објаснува Папата во документот – така Црквата е свесна за одговорноста во заштитата и внимателното управување со сопствените добра, во светло на своето евангелско послание и посебната грижа за оние во потреба. На посебен начин – пишува папата Фрањо – управувањето со економските и финансиски подрачја на Светата Столица е длабоко поврзано со нејзиното посебно послание, и тоа не само во служењето на универзалната служба на Светиот Отец, туку и во односот на општото добро, со аспект на целосниот развој на личноста.

Така Светиот Отец ја донесе таа нова одлука, откако внимателно – како што напиша – ги разгледа резултатите на работата на комисијата за проучување и упатствата во врска со организацијата на економско – административните структури на Светата Столица, и откако се посоветува со Советот на кардинали за реформа на апостолската конституција ‘Pastor Bonus’, како и со Советот на кардинали за разгледување на организациските и економски проблеми на Светата Столица. За новостите за Радио Ватикан говореше директорот на Канцеларијата за печат на Светата Столица, патер Федерико Ломбарди.

Новост е тоа што Папата основа нова реалност која се вика Секретаријат за економски работи, со овластување во сите економски и административни активности на Светата Столица и Државата Град Ватикан – рече патер Ломбарди и додаде – Тоа е значи, силна установа, која ја координира целата димензија на оперативната реалност внатре во Светата Столица и Градот Ватикан, односно подготовка и објавување на биланси, и одговара на Советот, кој е уште една нова реалност, односно Совет за економија, кој има 15 членови, од кои осум кардинали или епископи, а седум лаици, меродавни експерти за економски и финансиски работи.

Тој нов Совет за економија доаѓа на место на Советот на 15 кардинали, чија задача беше разгледување на сметките на Светата Столица. Секретаријатот за економија, кој е нова и главна установа – рече потоа патер Ломбарди – го води кардинал префект, а тоа е кардиналот Пел, кој во овој момент е архиепископ на Сиднеј, а ќе му помага секретар. Формирана е и канцеларија на главниот ревизор, кој ги има сите задачи на ревизија, биланси и економски движења на Светата Столица и Државата Градот Ватикан. Се разбира, ревизорот по себе е независен од Советот за економија, бидејќи ја има токму задачата за ревизија.

Освен тоа, постојат и други должности во Ватикан, кои остануваат:  AIF (Канцеларија за финансиски информации), чија задача е соработка со единиците за финансиски информации на други држави, и тоа што се однесува на сè во врска со сузбивањето на перење пари, и затоа тоа мора да биде потполно самостојна институција, независна од другите; па Управата за имот на Апостолската Столица (APSA), чија задача, која е потврдена и подобро одредена, е да биде Централна банка за Државата Град Ватикан.

На новинарското прашање дали се менува улогата на ИОР (Институт за верски дела), патер Ломбарди напомна дека таа установа и понатаму се проучува и разгледува, меѓутоа дека не е цел на оваа реорганизација, која има многу поширок хоризонт кој се однесува на економските и административни димензии на Светата Столица и Државата Град Ватикан во целина. Станува збор значи, за многу поширок и послоевит хоризонт, додека ИОР е посебна установа, со своја специфична служба; затоа е тој многу мал дел од многу поширока стварност – забележа патер Ломбарди.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот