Со контекст на јубилејот во 2025 година, папата Фрањо одлучи да формира работна група во Дикастеријата за прогласување на светци за да состави список на сите оние кои во последните 25 години ја пролеале својата крв исповедувајќи го Христос: „Не можеме да заборавиме на нив”. Ова истражување ќе биде проширено на сите христијански деноминации, не само на католиците.
Во писмото објавено во среда, на 5 јули 2023 година, папата Фрањо во рамки на Дикастеријата за прогласување на светци ја формира Комисијата за новомаченици – сведоци на верата, по повод јубилејот во 2025 година. Целта на оваа работна група ќе биде да се направи список на сите оние кои ја пролеале својата крв исповедајќи го Христос и сведочејќи за Евангелието.
Мачениците во Црквата се сведоци на надежта што доаѓа од верата во Христа и вдахнува вистинско милосрдие. Надежта го одржува живо длабокото уверување дека доброто е посилно од злото, бидејќи Бог ги победи гревот и смртта преку Христа – пишува Папата. Комисијата ќе продолжи со истражувањето, кое веќе го започна по повод Големиот јубилеј во 2000 година, со цел да се идентификуваат сведоците на верата во првите 25 години од овој век и потоа да продолжи со својата работа во иднина.
Мачениците го придружувале црковниот живот во сите епохи, а денес цветаат како зрели и одлични плодови во Господовото лозје – истакнува Римскиот бискуп во писмото и продлжува: Мачениците се побројни во наше време отколку во првите векови; тоа се епископи, свештеници, жени и мажи посветени на Бога, верници и семејства, кои во разни земји низ светот го дадоа најголемиот доказ за љубов со дарот на својот живот. Веќе Свети Иван Павле II. во писмото „Tertio millennio adveniente“ посочи дека треба да се направи се за да не се изгуби наследството на тие „непознати борци за големата Божја работа“. Споменот на овие маченици се одржа на 7 мај 2000 година, за време на екуменската прослава каде во Колосеумот заедно со Римскиот бискуп се собраа претставници на Црквата и црковни заедници од целиот свет.
Тоа е тој „екуменизам на крвта“ што папата Фрањо повеќе пати го истакнува. А по повод следниот јубилеј – забележува Папата – ќе се најдеме соединети на слична прослава. Оваа иницијатива нема за цел да воспостави нови критериуми за канонско определување на мачеништвото, туку да продолжи со започнатото утврдување на оние кои и денес се убиени само затоа што се христијани. Затоа, тоа е продолжение на историското истражување – објаснува Папата – со цел да се соберат сведоштвата за животите, сѐ до пролевањето крв, на оние наши сестри и браќа, за да се истакне нивниот спомен како богатство што го чува христијанската заедница. Истражувањето нема да се однесува само на Католичката црква, туку ќе се прошири и на сите христијански деноминации.
Дури и во ова наше време – се вели во писмото на папата Фрањо – во кое сме сведоци на промената на времињата, христијаните продолжуваат да ја покажуваат, во контексти на голема опасност, виталноста на крштението што нè поврзува. Имено, не се малку оние кои и покрај опасностите во кои се впуштаат, ја покажуваат својата вера или учествуваат на неделната Евхаристија. Други се убиени во обид со љубов да им помогнат на сиромашните, да се грижат за оние кои се отфрлени од општеството, да го зачуваат и промовираат дарот на мирот и силата на простување. Некои се тивки жртви, како поединци или групи, на историските пресврти. Имаме голем долг кон сите нив и не можеме да ги заборавиме – истакнува папата Фрањо.
Затоа, работата на комисијата ќе овозможи на мачениците официјално признати од Црквата да им се придружат документирани сведоштва – а ги има многу, предупредува Папата – за овие наши браќа и сестри, во рамките на огромната панорама во која одекнува единствениот глас на мачеништвото (martyria) на христијаните. Комисијата ќе треба да се послужи со активен придонес на одредени Цркви, верски институции и сите други христијански реалности.
Во свет во кој понекогаш изгледа дека преовладува злото, сигурен сум дека изработката на тој Попис, исто така во контекст на јубилејот што сега се приближува, ќе им помогне на верниците да го протолкуваат нашето време во светлината на Воскресението, црпејќи од ковчегот на великодушна верност кон Христос, причината за живот и добрина – истакнува на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк