Папата: Озборувањето е ѓаволско дело

Да се зборува лошо за добротворите, озборување од завист и поставување на замки е ѓаволско, а не Божјо дело – рече Светиот Отец во прповедта на Светата Литургија на 9 октомври.

Денешното Евангелие зборува како Исус ги изгонува бесовите и прави добро; луѓето го слушаат и го признаваат неговиот авторитет, но некои сепак го обвинуваат – рече Папата.

Имало група луѓе кои не го сакале Исус и секогаш настојувале да ги превртат неговите зборови и дела против Него самиот. Некои тоа го правеле од завист, други заради доктринарна вкочанетост, некои бидејќи се плашеле од Римјаните; од различни мотиви во народот го минимизирале Исусовиот авторитет – и со лаги исто како и во овој случај. Тој преку Велзевул ги изгонува бесовите, опседнат е со волшебник. Постојано го искушувале и Му поставувале замки очекувајќи да падне во нив – рече Папата.

Папата присутните ги поттикна на будност и расудување. Треба да се знае да се расуди она што доаѓа од Бог, од она што доаѓа од ѓаволот, кој секогаш настојува да измами, прави да избираме погрешен пат. Христијанинот не треба да мирува ако сè оди добро, треба да прави разлика помеѓу работите и добро да види од каде доаѓаат – предупреди Светиот Отец, додавајќи:

Верникот треба да бдее, затоа што на патот на верата искушенијата секогаш се враќаат, бидејќи ѓаволот никогаш не мирува. Ако бил истеран трпеливо чека момент за да се врати; ако му се дозволи да влезе состојбата станува полоша од првата. Навистина порано се знаело дека „ѓаволот досадувал“. Потоа демонот се прикрива и доаѓа со своите многу прикриени пријатели, чука на вратата, моли да влезе, влегува и со човекот живее поучувајќи го малку по малку. Со својата љубезност го уверува човекот дека сè е релативно, постепено „умира“ неговата совест – истакна Папата, додавајќи:

Големо зло е кога совеста е умртвена. Кога ѓаволот ќе успее да ја умртви, може да се зборува за негова победа; станал господар на таа совест. Тоа насекаде се случува! Сите имаме проблеми, сите сме грешници… Но, секогаш има некој исклучок: сите, само не јас. Така почнува да владее световноста која е ќерка на демонот – рече Папата и повторно ја истакна потребата од будност и расудување.

Црквата нè советува секогаш да ја испуваме совеста: што се случи денес во моето срце? Дали со своите пријатели ме посети ѓаволот? Секогаш треба да се прашуваме од каде доаѓаат коментарите, зборовите, поуките, кој зборува? Треба да бдееме и да разликуваме за да не дојде измамувачот, заводникот и илузионистот. Од Бог да бараме милост за расудување и будност – поттикна Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот