Папата одложи некои аудиенции, но продолжува со средбите во Света Марта

Папата одложи некои аудиенции, но продолжува со средбите во Света Марта

Директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, Матео Бруни во сабота 29 февруари 2020 година соопшти дека и денес се одложени некои планирани средби на Светиот Отец. Папата во аудиенција го прими поглаварот на Украинската Источно католичка црква, големиот киевски архиепископ Свјатослав Шевчук, како и префектот на Конгрегацијата за епископи, кардинал Марк Келет.

„Светиот Отец утринава после светата Литургија продолжи во Домот Света Марта со планираните активности за денес, со исклучок на аудиенцијата за членовите на Меѓународната група за биоетика и учесниците на Генералниот капитул на Христовите легионери и Генералното собрание на богопосветените жени и лаици од Регнум Христи“ изјави директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол Матео Бруни, одговарајќи на новинарски прашања. Пред два дена Бруни рече дека Папата поради „лесна спреченост“ ќе остане во „близина на Домот Света Марта“.

Утринава Папата се сретна со поглаварот на Украинската Источно католичка црква, големиот киевски архиепископ Свајтослав Шевчук и префектот на Конгрегацијата за епископи, кардинал Марк Келет. Во аудиенција го прими и Апостолскиот нунциј во Франција, надбискупот Целестин Миглиоре, како и Апостолскиот нунциј во Либан, надбискупот Јосеф Спитериј.

И во петок Папата служеше света Литургија, но ги одложи службените аудиенции планирани за тој ден. Така не се сретна со учесниците на пленарното собрание на Папската академија за живот. Неговиот говор го прочита претседателот на Академијата, монсињор Винченцо Паглија, додека пак средбите во Домот Света Марта продолжија според распоредот. Минатиот четврток Папата не учествуваше на покорничката богослужба во базиликата Свети Иван Латерански со клериците од римската бискупија, а неговиот говор го прочита викарот на Римската бискупија, кардинал Анџело Де Донатис.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот