Папата Фрањо упати видео порака до народот на Кипар и Грција, кои ќе бидат опфатени со апостолската посета следната недела, од 2 до 6 декември.
Во четврток Светиот Отец го започнува своето 35. апостолско патување во Кипар и Грција. Тоа е поклонение на изворите, рече Папата во видео пораката до жителите на тие земји, неколку дена пред нивната средба.
По стапките на големите мисионери
Доаѓам со радост, во името на Евангелието, по стапките на првите големи мисионери, особено на апостолите Павле и Варнава. Добро е да се вратиме на изворите и важно е Црквата повторно да ја открие радоста на евангелието. Ова го рече Папата на почеток на обраќањето до народот на Кипар и Грција, кое го започна со поздрав на грчки јазик: kaliméra sas! (Добро утро!)
Извори на братство
Во средбата со вас, ќе можам да ја згаснам мојата жед на изворите на братството, кои се толку многу драгоцени во време кога го започнавме универзално синодално патување, рече Папата, нагласувајќи една посебна „синодална благодат“ – средбата со помесните православни црковни поглавари – архиепископот Хризостом во Кипар и архиепископот Јероним во Грција Како брат во верата, рече Папата, ќе ја имам милоста да ме примите и да се сретнам со вас во името на Господарот на мирот.
На католиците во Кипар и Грција, Светиот Отец им ги нагласува Исусовите зборови: „Не плаши се, мало стадо“ (Лк 12,32). Доаѓам со љубов да ви го донесам охрабрувањето од целата Католичка црква.
Заедничка пловидба
Ова апостолско патување е можност и Папата да „пие од древните европски извори”. Кипар како испостава на Светата Земја на континентот и Грција, домот на класичната култура. Сепак, не треба да се занемари и Медитеранот, рече Папата. Mare nostrum поврзува многу земји и нè повикува заедно да пловиме, особено во време кога се потребни дополнителни напори за борба против пандемијата, а на повидок е и климатската криза. Морето опфаќа многу народи со своите отворени пристаништа кои нѐ потсетуваат дека изворите на заедничкиот живот се засноваат на взаемно прифаќање, рече Папата, истакнувајќи дека веќе се чувствува добредојден поради наклонетоста на жителите.
Извори на човештвото
Но, Папата го свртува погледот и кон оние кои побегнаа во последниве години од војна и сиромаштија, кои пристигнаа на бреговите наидувајќи на непријателство, па дури и на експлоатација. Тие се наши браќа и сестри, нагласи Светиот Отец, потсетувајќи дека многу од нив ги загубија животите во морето. Денес, нашето море, Медитеранот, се големи гробишта, рече Светиот Отец.
Како поклоник на изворите на човештвото, повторно ќе одам на Лезбос, убеден дека изворите на заеднички живот повторно ќе процветаат само со братство и интеграција, заедно. Нема друг пат, со оваа визија доаѓам кај вас, рече папа Фрањо.
Се радувам на средбата со сите вас, не само со католиците, со овие зборови Светиот Отец ја заврши пораката.
Ватикан њуз/к.мк