Папата одговараше спонтано на прашања на богопосветените лица
Папата Фрањо во сабота 16 мај се сретна со богопосветените лица од римската епархија, по повод Годината на богопосветен живот. За време на долгата средба во семејна атмосфера, Папата спонтано одговараше на прашања кои му беа поставувани од богопосветените лица.
На прашање од страна на една чесна сестра за рамнотежата меѓу повлеченоста и видливоста во манастирот, Светиот Отец тоа го нарече „клучна напнатост, напнатост што се живее во душата“; тоа е „Божји повик на повлечен живот“ и воедно „повик да се биде Христов знак“. „Меѓутоа, треба ли новостите и вестите да влезат во манастирот? Треба да влезат, смета Папата и веднаш објаснува дека не мисли на празни, „жолти“ вести, туку, на пример, вестите за војните, за болестите, за страдањата на луѓето. Тоа што никогаш не треба да го изгубат, порача Папата, е времето за слушање на луѓето. Некои манастири, на пример, имаат телефон на кој луѓето можат да се јават и да бараат да се моли за нив. „Таа поврзаност со светот е важна“, рече Папата.
Говорејќи, пак, за темата на послушноста, Папата објасни како е свесен дека манастирот понекогаш може да крие завист, љубомора и критики на сметка на поглаварите; но и дека може да постојат „натпреварувања“ меѓу епархиите и монашките заедници. Рече дека затоа планира обнова на документот „Mutuae Relationes“, кој говори за односот меѓу епископите и монасите.
Светиот Отец потсети и на зборовите на апостол Павле за Исус кој „стана послушен до смрт, смрт на крст“, истакнувајќи дека „таинството на Христа“ е таинство на „плодна послушност“, токму како и посветениот живот. Послушноста според зборовите на Папата е икона на Христовиот пат. Меѓутоа и славењето е теолошка категорија и не постои посветен живот без димензијата на славење. Но славењето не е врева, туку радост, молитвена стварност и сеќавање на она што Господ го направи за нас и што ни го дарува.
РВ/В.Н.