Во својот пладневен говор, по молитвата Ангел Господов во недела 17 септември 2023 година, папата Фрањо ја спомена претстојната посета на францускиот град Марсеј по повод завршувањето на Медитеранските средби, иницијатива која во центар на внимание го става феноменот на миграцијата, тој тежок предизвик. Потоа се молеше за Украина и за сите земји закрвавени од војна.
Пред околу 20.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо, откако ја молеше молитвата Ангел Господов, зборуваше за претстојното патување во Марсеј на 22 и 23 септември и ги спомена конфликтите кои продолжуваат да предизвикуваат жртви ширум светот. Тој потсети дека во петок ќе отпатува во тој град на југот на Франција, повикан да биде „пристаниште на надежта“, по повод завршувањето на медитеранските средби. Тоа е убава иницијатива – рече Папата – што се случува во важни медитерански градови, собирајќи црковни и граѓански водачи за промовирање патишта на мирот, соработка и интеграција околу ‘mare nostrum’, со посебно внимание на феноменот на миграцијата.
Тоа е предизвик кој не е лесен, како што можеме да видиме од вестите деновиве, но со кој мораме да се соочиме заедно, бидејќи е важен за иднината на сите, која ќе биде среќна само ако се гради на братство, ставајќи го на прво место човечкото достоинство, конкретни луѓе, особено оние на кои им е најпотребно.
Охрабрувајќи ги жителите на Марсеј да го придружуваат неговото патување со молитва, папата Фрањо им се заблагодари на граѓанските и верските власти и на сите што работат на подготовка на средбата во тој град – како што рече – богат со народи.
Близина со Украина
Освен тоа, Папата и денеска ги спомена сите кои страдаат поради војната и ги поттикна да се молат особено за оние кои ја чувствуваат војната на своја кожа.
Да продолжиме да се молиме за напатениот украински народ и за мир во секоја земја закрвавена од војна.
Програма во Марсеј
Иницијативата „Медитерански средби“ која започнува на 17 септември и ќе трае до 24 септември е во организација на Надбискупијата Марсеј. Станува збор за иницијатива што следи по две други средби на размислување и духовност, со наслов „Медитеранска граница на мирот“, кои се одржаа прво во Бари во 2020 година, а потоа во Фиренца во 2022 година. Двете средби беа организирани од Италијанската бискупска конференција.
Папата Фрањо на 22 септември попладне ќе отпатува од Рим, а во Марсеј ќе го пречека францускиот претседател Макрон. Потоа во базиликата „Notre Dame de la Garde“ ќе има средба со свештенството од надбискупијата и молитва до Богородица. Во 18.00 часот на споменикот посветен на морнарите и мигрантите изгубени во морето, ќе има момент на размислување со верските поглавари и таму ќе одржи говор.
Светиот Отец во сабота ќе има приватна средба со неколку лица кои се во тешка економска ситуација, по што ќе учествува на завршната седница на Медитеранските средби. Потоа ќе следи средба и разговор со францускиот претседател, а попладне папата Фрањо ќе ја предводи завршната света Литургија која на стадионот „Велодром“ во Марсеј. По светата Литургија, Светиот Отец во вечерните часови ќе се врати во Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк