Во видео порака упатена до тајландскиот народ, папата Фрањо, меѓу другото, рече дека таа азиска земја напорно работеше за промовирање на хармонија и мирен соживот.
Верувам дека мојата посета ќе помогне да се истакне важноста на меѓурелигискиот дијалог, меѓусебно разбирање и братска соработка, посебно во служење на сиромашните и оние во потреба, како и во служба на мирот – рече папата Фрањо во видео порака упатена до тајландскиот народ, кои ќе ги посети од 20 до 23 ноември. Освен тоа Папата истакна дека се надева на јакнење на пријателските врски со многубројните будистички браќа и сестри во таа земја, кои сведочат за вредноста на толеранцијата и хармонијата, карактеристични за нивниот народ.
Светиот Отец исто така кажа дека за време на Апостолското патување во Тајланд ќе се сретне со католичката заедница во таа земја како би ја зацврстил во верата. Напомена дека таа земја напорно работеше за промовирање на хармонија и мирен соживот, не само меѓу своите жители, туку и пошироко во југоисточна Азија.
Во овој свет во кој пречесто владее раздорот, поделбите и исклученоста, компромисот за создавање на единство, кое го почитува достоинството на секој маж, жена и дете може да биде поттик на напорите, кои ги преземаат добрите луѓе во целиот свет, за промовирањето на големиот и вистински развој на нашето човечко семејство, за солидарност, правда и мир – порача папата Фрањо.
Програмата на Папското патување во Тајланд вклучува меѓу другото, свечен пречек, посета на врховниот будистички патријарх и света Литургија на националниот стадион во Бангкок. Во петок, 22 ноември, Светиот Отец ќе се сретне со свештениците, монасите и монахињите, семинаристите и катехистите, а после тоа со тајландските епископи, христијански лидери и лидери на други религии. Вечерта истиот ден ќе служи света Литургија со младите во катедралата „Вознесение на Блажена Дева Марија“. Во сабота 23 ноември после прошталната церемонија папата Фрањо од Бангкок ќе отпатува во Токио, првата станица од Апостолското патување во Јапонија.
Ватикан њуз/к.мк