Папата: Не смееме да се навикнеме на војна и уништување

Папата: Не смееме да се навикнеме на војна и уништување

По молитвата Ангел Господов, во недела 16 ноември 2025 година, Папата зборуваше за нападите врз заедниците и местата за богослужба во Бангладеш, Нигерија, Мозамбик, Судан и други региони. Тој потсети на сериозниот терористички напад во Киву, Демократска Република Конго, во кој загинаа најмалку дваесет лица. Се помоли за народот на Украина и ја изрази својата близина со оние што беа погодени од неодамнешната сообраќајна несреќа во јужен Перу, во која загинаа најмалку 37 лица.

Не смееме да се навикнеме на војна и уништување.

Со овие зборови, папата Лав XIV им се обрати на верниците на плоштадот Свети Петар по молитвата Ангел Господов.

Христијаните се прогонувани во целиот свет

Осврнувајќи се на катехезата пред неделната молитва, Папата го привлече вниманието на прогонството и дискриминацијата што сè уште ги погодуваат христијаните во многу делови од светот денес. Тој ги наведе некои од областите што се најпогодени од насилството: Бангладеш, Нигерија, Мозамбик и Судан, од каде што „често пристигнуваат вести за напади врз заедниците и местата за богослужба“.

Бог е милосрден Отец и сака мир меѓу сите свои деца!

Терористички напад во Северен Киву

Прегратката на Лав XIV се протега и до Демократска Република Конго, особено до Северен Киву, каде што ситуацијата останува сериозна и покрај неодамнешниот договор со Руанда. Во последните денови, потсети Папата, „имаше масакр врз цивили, најмалку 20 жртви во терористички напад“.

Да се молиме да престане секое насилство и верниците да работат заедно за општото добро.

Праведен и стабилен мир во Украина

Папата се обрати и за Украина, од каде што продолжуваат да пристигнуваат извештаи за напади врз Киев.

Овие напади, рече Папата, не ги поштедуваат децата и предизвикуваат огромна штета и на цивилната инфраструктура, „оставајќи ги семејствата без покрив над главата со почетокот на студот“.

Не смееме да се навикнеме на војна и уништување! Да се помолиме заедно за праведен и стабилен мир во измачената Украина.

Трагичен инцидент во Перу

На крајот, Лав XIV ги насочи своите мисли кон Перу, земја драга за него, која претрпе сериозна сообраќајна несреќа на југот од земјата. Автобус што патуваше од Чала кон Арекипа падна во клисура во близина на Окоња откако се судри со друго возило. Бројот на жртви досега е 37, а бројот на повредени е 13.

Господ нека ги прими починатите, нека ги поткрепи ранетите и нека ги утеши ожалостените семејства.

Ваикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот