Папата: Не се доведува во прашање науката на Црквата

На почетокот на третото генерално собрание, папата Фрањо одржа краток говор, истакнувајќи дека актуелната редовна Епископска Синода е во контекст со минатогодишната вонреднаи дека постојат само три службени документи на Синодата: Relatio synodi и двата говори на Папата, на почетокот и на крајот.

Во тие говори јасно се вели дека католичката наука во однос на бракот не е ставена во прашање, потсети Папата и рече дека работата на Синодата не треба да се сведи на расправа за причестувањето на разведените кои се во повторен цивилен брак. На крајот, Папата ја истакна важноста на работата во малите јазични групи, чиј допринос ќе биде силен поттик за завршниот документ.

Во продолжение на третото собрание стана збор и за воспитувањето на младите и поттикувањето на меѓугенерациски односи и притоа е нагласена потребата од духовно воспитување на децата, за да не растат надвор од верата. Истакнато е дека Црквата е Таткова куќа и дека никој не е исклучен. Потребно е да се избегне да се гледа на проблемот, а не на братот кој доживеал неуспех. Радоста на пастирите е во тоа да ги искористат сите средства кои им се на располагање за да им помогнат на оние кои имаат погрешено за тие да го преобликуваат својот живот и го пронајдат вистинскиот пат кон Бога.

Поради тоа треба да се изнајдат патишта на интеграција и помирување за ранетите семејства кои би ги водел епископот, истакнаа некои од синодалните отци. Ранетите семејства и тие кои се во потешкотии треба да бидат прифатени во духот на милосрдието, не осудувајќи ги, туку нудејќи им ја конкретната Божја љубов. На собранието станало збор и за половата теорија како и за исламскиот фундаментализам, кои од страна на некои од отците беа дефинирани како главни закани за семејството денес. Беше предупредено и на големата парична и медиумска подршка што ја има половата идеологија.

Надбискупот Клаудио Марија Чели, претседател на Папскиот совет за средствата за комуникација, истакна дека прашањето за причест на разведените кои се во нов цивилен брак и понатаму е отворено на пасторално ниво. Предложено е да не се бара „универзално решение“, туку тој проблем би било добро да се препушти на одлуките на регионално или национално ниво.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот