Папата: Не може да се верува во Бог и да се биде мафијаш

Папата: Не може да се верува во Бог и да се биде мафијаш

На евхаристиското славење во Палермо по повод 25 годишнината од смртта на блажен дон Пино Пуглиси, Папата одлучно ја осуди мафијата.

На 15 септември 2018 година, Светиот Отец се упати на еднодневна Апостолска посета на Сицилија и најпрво се задржа во местото Пјаца Армерина каде се сретна со верниците, а потоа со хеликоптер замина за Палермо, каде служеше света Литургија по повод литургискиот спомен на блажен отец Пино Пуглиси и 25. годишнината од неговата смрт. Дон Пино Пуглиси на денешен ден токму на неговиот 56. роденден го убива мафијата.

Кој го мрази братот, а зборува дека го сака Бог лажливец е затоа што ја негира верата за која вели дека ја има, и тоа вера која го исповедува Бог дека е љубов – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на која се собраа околу 100.000 верници. Зборот омраза треба да се избрише од христијанскиот живот – истакна Светиот Отец. Не може да се верува во Бог и да се угнетува братот. Не може да се верува во Бог и да се биде мафијаш. Оној кој е мафијаш не живее како христијанин, затоа што со својот живот хули на Бог кој е љубов. Денес ни требаат мажи и жени на љубовта, а не мажи и жени на „честа“; – рече Папата – потребни ни се луѓе на служењето, а не на угнетувањето. Ни требаат мажи и жени со кои можеме заедно да одиме, а не да се стремиме кон моќта.

Тој пат бара вистинско преобраќање кое и мафијашкото изразување и заканите ги претвора во вистинска доверба во Бог. Ако мафијашките литанија се: „Ти не знаеш кој сум јас“, христијанската е: „Потребен си.“ Ако мафијашката закана е: „Ќе ми платиш за тоа“, христијанската молитва е: „Господи, помогни ми да сакам“ – рече Папата. Заради тоа на мафијашите им велам: Променте се браќа и сестри! Престанете да мислите на себе и на своите пари. (…) Ништо нема да понесете со себе. Обратете се на вистинскиот Бог Исус Христос, драги браќа и сестри. Тоа ви го велам вам, мафијаши; ако тоа не го направите, самиот ваш живот ќе биде загубен и тој ќе биде нејлошиот пораз – рече Папата.

Сведоштвото на дон Пино Пуглиси

Оној кој својот живот го поминал во сиромаштво меѓу сиромашните во својата земја и секогаш во дарување и служење бил отец Пино. Не живеел за да се покаже – рече Папата – не живеел од апелот против мафијата, а не се ниту задоволувал со тоа да не прави зло, туку го сеел доброто. На губитничката логика на богот – пари отец Пино се спротивставувал со убавината на Бог – љубов – истакна Светиот Отец и додаде дека победничкиот живот на дон Пино бил обележан со насмевка, дури и во моментот на смртта.

Пред 25 години на денешен ден кога починал на денот на својот роденден, ја крунисал својата победа со насмевка; онаа насмевка заради која не можел да спие неговиот убиец кој рекол: „Во таа насмевка имаше некој вид на светлост.“ Отец Пино бил беспомошен, но неговата насмевка ја пренесувала Божјата сила; не бил тоа заслепувачки блесок, туку нежно светло кое продира во внатрешноста и сјаје во срцето – рече папата Фрањо.

Свештеници на насмевката

Потсетувајќи на примерот на дон Пино, Светиот Отец истакна дека денес ни се потребни многу свештеници на насмевката, на христијанската насмевка и тоа не затоа што несериозно ги сфаќаат работите, туку затоа што се богати единствено со радоста Божја, затоа што веруваат во љубовта и живеат за да служат. Дон Пино знаел да ризикува, но знаел најмногу и дека вистинската опасност во животот не е ризикот, туку животарењето во удобноста и пречките – рече Папата и додаде дека не смееме да се задоволуваме со делумна вистина. Таа не може да го задоволи гладот на срцето; не прави добро. Да нѐ ослободи Бог од мислењето дека сѐ е добро, ако јас сум добро; другите нека се снаоѓаат. Да нѐ ослободи од тоа да веруваме дека сме праведни, а не правиме ништо за да се спротивставиме на неправдата. Да нѐ ослободи од верувањата дека сме добри само затоа што не правиме ништо лошо. Добро е да не правиме лошо. Но, лошо е да не правиме добро – говорел еден светец (свети Алберто Хуртадо). Господи подај ни желба за да правиме добро; да ја бараме вистината, одбивајќи ја лагата; да ја избереме жртвата, а не мрзеливоста; љубовта, а не омразата; простувањето, а не осветата – рече Папата.

Губитнички живот

Светиот Отец потоа истакна дека исто така сме повикани да избираме дали ќе живееме за себе или ќе го даруваме животот, љубовта или самољубието. Победнички живот не е на оној човек кој живее за себе – објасни Папата и додаде: Не е животот на човекот кој целосно ги задоволува своите потреби иако во очите на светот изгледа победнички. Кога се живее на егоистичен начин врзувајќи се за работите, парите, моќта и задоволството неизбежно е да се оди во пресрет на поразот. Имено ѓаволот има отворена врата, срцето заради егоизмот се умртвува и на крајот човекот останува сам, со празнина во внатрешноста. За решавањето на злото во светот не се потребни пари и моќ, затоа што – објасни Папата – парите и моќта не го ослободуваат на човекот, туку го прават роб.

Победнички живот

Победнички живот е оној кој го покажа Исус, кој ја пресвртува погрешната логика и примерите кои ја предлагаат и рекламите. Не е – според зборовите на Папата – победнички животот на оној човек кој има успех, кој ги размножува приходите . Патот кој го покажа Исус е патот на понизната љубов. Само љубовта ослободува во внатрешноста и дава мир и радост – рече Папата и додаде: Вистинската моќ е служењето. А најсилниот глас не е гласот на некој кој најсилно вика, туку молитвата. Најголемиот успех не е сопствената слава, туку сопственото сведоштво. Единствен можен популизам, единствен христијански популизам – истакна папата Фрањо – е слушањето и служењето на народот без вик, обвинување и поттикнување на конфликт.

„Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Иван 15, 13). Тие Исусови зборови се врежани на гробот на дон Пуглиси потсетувајќи нѐ на сите нас дека давањето на животот била тајната на неговата победа, тајната на неговата победа, тајната на убавиот живот. Да избереме и ние денес убав живот – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот