Папата: Не живејте за личната корист, туку за Божјата слава
Overview
- Retailer: Ангел Господов, папа Фрањо
Господ нè поттикнува да не живееме барајќи ја личната корист, туку да живееме за Божјата слава – истакна папата Фрањо во пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов на 4 март 2018 година, на плоштадот Свети Петар.
Папата потсети дека денешниот дел од Евангелието според Иван ни го прикажува Исус Кој го чисти ерусалимскиот храм од продавачите, користејќи се притоа со камшик од врвци, испрвртувајќи ги масите говорејќи: „Од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување!“ (Иван, 16) Тоа Исусово одлучно делување остава силен впечаток на мноштвото, и предизвикува непријателство кај верските власти, како и кај оние кои сметале дека нивните економски интереси се загрозени. Но како треба тоа да се толкува – праша Светиот Отец.
Папата рече дека сигурно овде не станува збор за насилен чин затоа што чуварите на јавниот ред не реагирале, туку тоа однесување е типично за пророците кои често во Божјото име ги осудувале злоупотребите и претерувањата. Прашањето кое го поставиле е она за власта, односно тоа што го прави Исус навистина ли го прави во Божјо име.
За да го протолкуваат делото на Исус – продолжи папата Фрањо – неговите ученици се послужуваат од псалмот 69 „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.“ (Псалм 69, 17) Тој псалм е повик за помош во ситуација на крајна опасност заради омраза од непријателот: ситуацијата која Исус ќе ја доживее во својата мака. Ревноста за Отецот и неговиот Дом ќе го доведе дури до крстот. Неговата ревност е онаа љубов која го доведува до жртвување на самиот себе, а не она лажна ревност која се прави дека Му служи на Бог по пат на насилството – рече Светиот Отец.
Папата објасни дека „знакот“ кој Исус ќе го понуди како доказ за својата власт ќе биде токму неговата смрт и неговото воскресение: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам“ (Иван 2, 19). Светиот Отец потсети дека евнгелистот додава „Он говореше за храмот на Своето тело“ (2, 21). Со воскресението на Исус започнува нова богослужба, богослужба на љубовта и нов храм кој е Он самиот – рече папата Фрањо.
Исусовиот став нè поттикнува да не го живееме својот живот барајќи ја сопствената корист и интересите, туку за слава Божја – рече Папата и продолжи: Повикани сме секогаш да ги имаме на ум Исусовите зборови: „Од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување!“ (2, 16) Тие ни помагаат да ја одбиеме опасноста од својата душа која е Божјо престојувалиште, да направиме место за трговија, живеејќи во постојана потрага за сопствената корист, наместо да живееме за великодушна и солидарна љубов.
Таа Исусова наука секогаш е актуелна, не само за црковните заедници, туку и за поединците, цивилното општество и за целото општество – истакна папата Фрањо Всушност вообичаено е искушението луѓето да се користат со добрата, па и со некои активности заради лична корист, па дури и со недозволени активности. Тоа е голема опасност, посебно кога се инструментализира самиот Бог, богослужбата или служењето на човекот, на Неговата слика и подобие. Од таа причина Исус искористува силен начин за да нè раздрма од таа смртна околност – рече Светиот Отец и заврши: Нека Блажената Девица нè придружува во нашите напори од Великиот пост да направиме добра можност за да го препознаеме Бог како единствен Господ на нашиот живот, отстранувајќи од своето срце и делување секој облик на идолопоклонство.
РВ/к.мк