Во оваа време на Великиот пост, обележано со длабоки и постојани духовни борби, папата Фрањо во својата пладневна проповед поттикна да ги победиме пороците и повторното паѓање во грев преку вера и читање на Библијата. Тој предупреди дека е неопходно да се зачува единството со Бога и нашето единство едни со други, од нападите на Злобниот и неговите отрови, како што нè поучува Христос.
Ѓаволот е тој што дели. Како го прави тоа? Преку три силни „отрови“: приврзаност кон парите, материјалните добра, улогите и позициите, недовербата во Бог и моќта, желбата за доминација, желбата да се потиснат другите како би се покажале. Коментирајќи во недела 26 февруари 2023 година од прозорецот на Апостолската палата за Евангелието од неделната Литургија, во која се зборува за тоа како Исус е искушуван од ѓаволот во пустината, папата Фрањо предупреди од заведувањето на светот, на безбројните падови кои го парализираат христијанскиот живот, загрозувајќи го посебно единството. Единство кое произлегува од љубовта и е воплотено од Отецот, Синот и Светиот Дух, но кое се однесува и означува секој од нас во односот со ближниот.
Самиот Исус вели дека дојде во светот за да нè направи учесници во единството меѓу него и Отецот (сп. Иван 17,11). Ѓаволот, напротив, го прави спротивното: доаѓа да го одвои Исус од Отецот и да го одврати од неговото послание за единство на нас.
Три „отрови“: приврзаност, недоверба, моќ
Ѓаволот го искушува Исус, ослабен по 40 дена пост во пустината, и тоа го прави – објасни Папата – затоа што знае дека е уморен, слаб, односно ја користи неговата човечка состојба. Го провоцира, го поттикнува, му вбризгува отрови кои го парализираат неговото послание за единство.
Пред сè, отровот на приврзаноста кон некои работи, потреби; со убедливо објаснување ѓаволот се обидува да влијае на Исус: „Гладен си, зошто треба да постиш? Слушај ја твојата потреба и задоволи ја, ти имаш право и моќ да го направиш тоа: претвори ги камењата во леб“. Потоа вториот отров, недовербата: „Дали си сигурни – вели ѓаволот – дека Отецот го сака твоето добро? Искушувај го, уценувај го! Фрли се од врвот на храмот и нека направи она шти ти сакаш. И на крајот, моќта: „Не ти треба твојот Отец! Зошто да ги чекаш неговите дарови? Следи ги световните мерила, земи си сè сам и ќе бидеш моќен!“
Со ѓаволот не се расправа, не се преговара
Делувањето на ѓаволот е страшно, а сепак тие отрови влијаат и на нас – истакна Светиот Отец – односно се раширени и опасни искушенија кои ѓаволот ги користи за да не одвои од Отецот и да не се чувствуваме повеќе како браќа. и сестрите, а со тоа не доведуваат до осаменост и очај. Тој го направи тоа со Исус, го прави тоа со нас и ќе продолжи да го прави, но токму од Христос сфаќаме како да ги надминеме овие искушенија: без дијалог со ѓаволот, без каков било вид на преговори или компромиси. Има само едно оружје.
Исус ги надминува искушенијата. Како? Избегнувајќи разговор со ѓаволот и одговорајќи со Словото Божјо. Тој наведува три реченици од Светото Писмо кои зборуваат за независност од нештата (сп. Второзаконие 8,3), за довербата (сп. Второзаконие 6,16) и за служење на Бога (сп. Второзаконие 6,13), три реченици се спротивставуваат на искушенија. Тој не разговара со ѓаволот, не преговара со него, туку ги отфрла неговите инсинуации со благодатните зборови на Светото Писмо. Тоа е повик и за нас: не можеш да се расправаш со ѓаволот! Тој не се победува со преговарање, туку спротивставувајќи му се со божественото Слово со вера. На овој начин, Исус нè учи да го зачуваме единството со Бога и меѓу нас од нападот на оној што дели. Ни треба единство!
Словото Божјо е лек за пороците и искушенијата
Затоа Папата поттикна да го ставиме Божјото Слово во центарот, прибегнувајќи кон него во секој духовен подвиг. Кога ќе се соочите со порок или искушение, конкретна помош е да барате стих во Библијата што одговара на тој порок и да го повторите неколку пати, верувајќи во Христовата благодат.
Да се обидеме, тоа ќе ни помогне во нашите искушенија, бидејќи меѓу гласовите во нас кои нѐ вознемируваат, ќе одекне благотворното Слово Божјо. Марија, која го прифати Словото Божјо и со својата понизност ја победи горделивоста на оној што дели, нека нè придружува во духовната борба во Великиот пост.
Ватикан њуз/к.мк