Папата на светата Литургија: Катехистите го придружуваат нашиот пат на вера низ целиот живот

Папата на светата Литургија: Катехистите го придружуваат нашиот пат на вера низ целиот живот

На светата Литургија по повод Јубилејот на катехистите, папата Лав XIV ги пофали оние што се стремат да ги придружуваат другите во верата и ги повика сите христијани меѓусебно да се помагаат и да научат да веруваат, да се надеваат и да љубат.

Папата Лав XIV служеше света Литургија на плоштадот „Свети Петар“ во недела 28 септмеви 2025 година, кога Црквата го одбележува Јубилејот на катехистите.

Во својата проповед, Папата се осврна на евангелското читање за денот (Лука 16,19–31), кое ја раскажува параболата за богатиот човек и Лазар, и истакна дека станува збор за истото Евангелие што беше прочитано за време на Јубилејот на катехистите во рамките на Светата година на милосрдието во 2016 година.

Преку овој евангелски пасус, рече тој, Исус ни покажува како Бог го гледа светот: еден човек умира со кучиња што му ги лижат раните, додека друг се прејадува во елегантна облека на другата страна од вратата.

„На прагот на денешното богатство стои бедата на цели народи, опустошена од војна и експлоатација“, рече тој. „Низ вековите, изгледа дека ништо не се променило.“

Дури и кога многу Лазари умираат додека богатите го игнорираат она што им е пред очи, Евангелието нè уверува дека Бог ќе ја покаже својата правда на обата, ставајќи крај на страдањата на сиромавите и на веселбата на богатите.

Откако богатиот човек умира, тој го гледа Лазар покрај Авраам и Го моли Бога да ги предупреди неговите браќа за неговата судбина. Авраам, му одговара дека оние што се живи го имаат Мојсеј и пророците да ги предупредуваат.

„Слушањето на Мојсеј и пророците значи да се сеќаваме на Божјите заповеди и ветувања, чија промисла никогаш никого не го напушта“, рече Папата. „Евангелието ни објавува дека животот на секого може да се промени затоа што Христос воскресна од мртвите.“

Исусовото воскресение, додаде тој, е вистината што нè спасува и која Црквата треба да ја објавува преку своите катехисти.

Учејќи се да ја сакаме оваа вистина, ние го разбираме Евангелието додека нашите срца се преобразуваат и се отвораат кон Бога и кон ближниот, рече Папата.

Потоа папата Лав се осврна на значењето на зборот „катехист“, кој, рече тој, потекнува од грчкиот збор што значи „да се поучува гласно, да направи да одѕвонува“.

Катехистот, рече тој, е личност на Словото што го проповеда со својот живот, без разлика дали тоа се нашите родители или служители во име на Црквата.

„Сите сме научени да веруваме преку сведоштвото на оние што верувале пред нас“, рече тој. „Од детството, преку адолесценцијата, младоста, зрелоста, па дури и старата возраст, катехистите нè придружуваат во нашата вера, учествувајќи во ова доживотно патување.“

Катехистите и секој што ги учи другите со својот пример, рече Папата, соработуваат во пастирското дело на Црквата преку слушање и служење на „желбата за правда и вистина што престојува во човечката совест“.

На крајот, папата Лав XIV ги повика катехистите да бидат исполнети со вера за да можат да им помагаат на другите на нивниот пат на верата.

Како што Свети Августин му рекол на ѓаконот Деогратијас: „Објаснувај сè така што оној што те слуша, слушајќи, ќе може да поверува; верувајќи, ќе може да се надева; надевајќи се, ќе може да љуби.“

Ватикан њуз/к.мк

https://www.vaticannews.va/en/pope/news/2025-09/pope-leo-xiv-mass-jubilee-catechists-journey-faith.html

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот