Папата на Литургијата во Ѓумри: Вера, сеќавање, љубов
Потребни ни се христијани кои нема да се препуштат на поразот и малодушноста, туку ќе бидат на располагање и отворени, подготвени да служат; потребни ни се луѓе со добра волја кои ефикасно, не само со зборови, им помагаат на браќата и сестрите во потреба, рече Папата.
На евхаристиското славење кое го предводеше папата Фрањо на плоштадот Вартананс во градот Ѓумри во сабота на 25 јуни 2016 година се собраа повеќе од 20.000 верници. Олтарот го красеше иконата на Пресвета Богородица од Нарек. Папата на верниците укажа на трите столба врз кои денес е можно да се гради христијанскиот живот.
На прво место го истакна сеќавањето. Милост за која мора да молиме за да знаеме да се сеќаваме на она што Господ го создал во нас и за нас. Тој избрал да нè засака, нè повика и ни прости. Во нашата лична историја на љубовта со Него имало големи настани кои треба да ги живееме со разумот и срцето. Но, потребно е да го чуваме и сеќавањето на народот. Сеќавањето на ерменскиот народ е многу старо и вредно. Убаво е Ерменците со благодарност да можат да се сеќаваат дека христијанската вера стана „здив на нивниот народ и срце на нивните сеќавања“, рече Папата.
Понатаму како втор столб ја истакна верата затоа што таа е „надеж за вашата иднина, светлина на патот на животот.“ Папата објасни дека секогаш постои опасноста верата да ја ограничиме на некое време како таа да припаѓа на некое друго време. Но, „ако верата е затворена во историските архиви, таа ја губи својата моќ за преобразба, животната убавина и позитивната отвореност кон сите.“ Верата се раѓа и повторно раѓа од зацврстената средба со Исус, од искуството на милосрдието. Затоа е добро секој ден да ја искусуваме таа средба ако го читаме Словото Божјо и во сокриеност во молитвата се отвориме за неговата љубов, ако дозволиме средбата со Господовата нежност во срцето да ја запали радоста.
Како трет столб Папата укажа на милосрдната љубов. Во тој контекст Папата потсети дека животот на Исусовиот ученик укажува на карпата на љубовта која ни е подарена од Бог. Лицето на Црквата се подмладува и станува привлечна доколку ја живее љубовта. Конкретната љубов е потсетник на христијанинот: и поттикна дека сме повикани секогаш одново неуморно да градиме патишта на заедништво и мостови на поврзаност и да ги надминуваме пречките на разделувањето.
Потребни ни се христијани кои нема да се препуштат на поразот и малодушноста, туку ќе бидат на располагање и отворени, подготвени да служат; потребни ни се луѓе со добра волја кои ефикасно не само со зборови им помагаат на браќата и сестрите во потреба; потребно ни е поправедно општество во кое секој има достоен живот и над сè објективно платена работа рече Папата. На верниците им препорача да се поучуваат од свети Гргур од Нарек голем гласник на Божјото милосрдие и тој да им биде патоказ за да станат милосрдни.
На крајот од светата Литургија папата Фрањо се заблагодари на католикос Карекин II и на надбискупот Минасијан и на патријархот и на сите присутни епископи, свештеници и претставници на власта. Ви благодарам на сите кои во Ѓумри пристигнавте од разните краишта и од соседна Грузија. Посебно сакам да ги поздравам оние кои со многу великодушност и конкретна љубов помагаат на сите кои се наоѓаат во неволја рече Папата и ја спомна болницата Ашотск која е основана пред 25 години, а е позната како „Папска болница“ затоа што е родена од срцето на свети Иван Павле II. Го спомна и делувањето на локалната католичка заедница на ерменските сестри од Безгрешното зачнување и мисионерките на љубовта на блажена Мајка Тереза. Дева Марија наша Мајка нека секогаш ве следи и ги води вашите чекори на патот на братството и мирот рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк