Папата на Генералната аудиенција: Христијанинот мора да биде среќен

Ватикан, 24.4.2013 /к.мк/ – На денешната Генерална аудиенција папата Фрањо катехезата ја посвети за уште еден дел од Символот на верата. Плоштадот Свети Петар беше преполнет со верници и поклоници. Според некои извори на плоштадот денес имало повеќе од 100.000 верници.

 Драги браќа и сестри, добар ден!

Во верувањето исповедуваме: „И пак ќе дојде со слава да им суди на живите и мртвите“. Човечката историја започнува со создавањето на мажот и жената според Божјиот образ и подобие, а завршува со последниот суд. Често се забораваат тие два пола на историјата, а посебно верата во Христовото повторно доаѓање и последниот суд, понекогаш и не е така јасна и цврста во срцата на христијаните. Исус за време на јавниот живот често говореше за неговото повторно доаѓање. Своето денешно размислување ќе го посветам на три евангелски текста кои ни помагаат да влеземе во тоа таинство: станува збор за десетте девојки, талантите и последниот суд. Сите се дел од Исусовиот говор за свршетокот на времињата, а се наѓаат во Евангелието според Матеј.

Најпрво да се потсетиме дека со своето вознесенеие Синот Божји го понесе на Отецот нашето човештво кое го зема врз себе и сака сите да ги привлече кон себе, го повикува целиот свет Бог да го прими со раширени раце, на крајот од историјата, целата стварност да биде предадена на Отецот. Постои, меѓутоа ова „меѓувреме“ помеѓу првото и последното Христово доаѓање, а тоа е токму времето во кое ние живееме. Во тој контекст е сместена параболата за десетте девојки (сп. Матеј 25,1-13). Станува збор за десет девојки кои го очекуваат доаѓањето на младоженецот, но тој касни, а тие заспаа. На ненадејната вест дека младоженецот доаѓа сите се подготвуваат да го пречекаат, додека петте од нив, мудрите, имаа елеј за своите светилки, останатите, неразумните, останаа со изгаснати светилки, бидејќи немаа елеј за своите светилки, и додека го чекаа младоженецот, тој доаѓа и на неразумните девојки им се затвараат вратите кои водат на свадбата. Викаа упорно, но сега веќе е касно, младоженецот одговара: не ве познавам! Младоженецот е Господ, а времето на очекување на неговото доаѓање е времето кое ни се дарува, со милосрдие и стрпливост, пред неговото конечно доаѓање, време на будност, време во кое мораме светилките на верата, надежта и љубовта да ги имаме запалени, во кои треба да ги отвориме срцата за доброто, убавото  вистината; време кое треба да се живее по волјата Божја, бидејќи не го знаеме ниту денот, ниту часот на Христовото повторно доаѓање. Од нас се бара да бидеме подготвени за средбата – подготвени за средба, на една убава средба, средба со Исус –  а тоа значи дека мора да знаеме да ги видиме знаците за неговата присутност, да ја одржуваме жива својата вера, со молитва, свети Тајни, да бидеме будни за да не се успиеме, да не го заборавиме Бог. Животот на успиените христијани е тажен живот, тоа не е среќен живот. Христијанинот мора да биде среќен, тоа е Исусовата радост. Да не се успиеме!

Втората парабола, за талантите, нè поттикнува на размислување за тоа како ги користиме даровите кои сме ги примиле од Бог и неговото повторно доаѓање, кога ќе не праша како ги користивме (сп. Матеј 25,14-30).

Сите добро ја знаеме таа парабола: пред тргнувањето на пат господарот на сите слуги има дава по неколку таланти, да се служат добро со нив за време на неговото отсуство. На првиот му дава пет, на вториот два, а на третиот еден. Додека е отсутен господарот, првите двајца ги умножија талантите – древна парична единица – додека третиот својот дел го закопа во земја и го врати недопрен на господарот. По враќањето, господарот ги оценува нивните постапки: првите двајца ги пофалува за стореното, но третиот го фрла во темнина, бидејќи добиеното од страв го чувал сокриено, затварајќи се во самиот себе. Верникот кој се затвара во самиот себе, кога го сокрива сето она што Господ му го дава е христијанин… не е воопшто христијанин! Тоа е христијанин кој не му благодари на Бог за сè она што му дарувано! Тоа ни кажува дека исчекувањето на повторното Господово доаѓање е време кога треба да се делува –  ние се наоѓаме во време на делување – време во кое треба да се искористат Божјите дарови не за самите себе, туку за него, за Црквата, за другите, време во кое треба постојано да настојуваме доброто во светот да се умножи. А посебно денес, во овој кризен период, важно е да не се затвориме во себе и да не го закопаме сопствениот талент, туку да го отвориме, да се биде солидарен, да се биде внимателен кон другиот. Денес на плоштадот има многу млади. Вие кои сте на почетокот од вашиот животен пат, ве прашувам: Дали сте размислувале за талантите со кои Бог ве обдарил? Дали сте размислувале за тоа како да ги ставите во служба на другиот: Не ги закопувајте талантите! Имајте големи идеали, оние идеали кои ве прават да бидете благородни и великодушни, оние идеали на служење кои ќе ги умножат вашите таланти. Животот не ни е даден за да го чуваме љубоморно за себе, туку ни е даден да го даруваме. Драги млади, имајте големо срце! Не плашете се да сонувате за големи работи!

На крајот неколку збора за делот за последниот суд, во кој е опишан повторното Господово доаѓање, кога ќе им суди на сите човечки битија, на живите и мртвите (сп. Матеј 25,31-46). Евангелистот ја користи сликата на пастирот кои ги одделува овците од козите. Од десно ги поставува оние кои делувале според Божјата волја, помагајќи на ближниот кој е гладен, жеден, странец, гол, болен, во затвор – реков „странец“, во мислите ми се големиот број странци кои се во Римската бискупија: што ќе направиме за нив? – и така го посматраме самиот Господ, додека од левата страна ги поставува оние кои не помагале на ближниот. Тоа ни говори дека ќе ни суди спрема љубовта, според тоа како го љубевме Него во нашите браќа, посебно најслабите и оние кои се во најголема потреба. Сигурно дека секогаш мораме да имаме во предвид дека секогаш сме оправдани, дека сме спасени по благодатта, по бесплатниот чин на Божјата љубов која секогаш ни претходи; сами не можеме ништо да направиме. Верата пред сè е дар. Но за да донесе плодови, Божјата милост секогаш ја бара нашата отвореност кон него, наш слободен и конкретен одговор. Христос доаѓа за да ни го донесе милосрдието на Бог, кој спасува. Од нас се бара да се надеваме на него, да одговориме на дарот на неговата љубов со добар живот, кој го прават дела вдахнати со вера и љубов.

Драги браќа и сестри, помислата за последниот суд никогаш не смее да не исплаши; напротив, нè поттикнува подобро да ја живееме сегашноста. Бог со милосрдие и стрпливост ни го дарува ова време за да научиме секој ден да го препознаваме во сиромашните и малите, да се трудиме околу добрата и да бидеме будни во молитвата и љубовта, за да не препознае Господ на крајот од нашиот живот и историја како добри и верни слуги. Благодарам! (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<