Папата до босите кармелитјанки: Донесувајте храбри одлуки врз основа на Евангелието, а не врз основа на човечки пресметки
Папата Фрањо во аудиенција прими контемплативни монахињи кои деновиве прават ревизија на своите конституции: да се избере монашкиот живот не значи да се бара засолниште во интимна духовна утеха или во молитва одвоена од реалноста, туку треба го храни апостолатот и служењето на Црквата.
Потребно е да се изнајдат нови начини на изразување, нови патишта и нови средства за да се даде поголем ентузијазам за контемплативниот живот – ова е охрабрувањето што папата Фрањо им го упати на босите кармелитјанки, собрани деновиве да размислуваат и да работат на ревизија на нивните конституции. Папата на шпански им се обрати на монахињите кои на 18 април 2024 година, ги прими во аудиенција во Апостолската палата и ги потсети дека контемплативниот повик не води кон чување на пепелта, туку до одржување на огнот за да гори секогаш на нов начин и да ја грее Црквата и светот. Затоа, она што со години созревало во конституциите – според Папата – треба да се смета за богатство кое мора да остане отворено за поттикнувањата на Светиот Дух, за постојаната новост на евангелието, знаците што Господ ни ги дава низ животот и човечките предизвици, бидејќи така се чува харизмата. Не се менува, слуша и се отвора за она што Господ го сака во секој момент. Изборот на монашкиот живот, имено, не значи прибегнување кон интимна духовна утеха или молитва одвоена од реалноста – истакна Папата и додаде:
Вашиот пат е оној на кој се препуштате на влијанието на Христовата љубов сè до соединување со Него, така што таа љубов проникнува во целиот ваш живот и се изразува во секој гест и во секое секојдневно делување. Динамиката на контемплацијата е секогаш динамика на љубовта, таа е секогаш скала што нè издигнува до Бога, не за да не одвои од земјата, туку за да ја живееме длабоко, како сведоци на прифатената љубов.
Да се препознае иднината со знаците што ги дава Бог
Папата Фрањо потоа го спомна учењето на Света Тереза Авилска, која е уверена дека мистичното и внатрешно единство со кое Бог ја врзува душата за себе, речиси „запечатувајќи“ ја со својата љубов, проникнува и го преобразува целиот живот, без да се одвојува од секојдневните задачи или советувајќи бегство во духовни работи. Дополнително, Света Тереза напоменува дека е неопходно да се посвети време на тишина и молитва, но тоа треба да се сфати како извор на апостолатот и сите оние секојдневни задачи што Господ ги бара од нас за да и служиме на Црквата.
Така поставен, контемплативниот живот нема да се сведе на духовна инерција – објасни Папата – и не го одвлекува вниманието од задачите во секојдневниот живот, туку продолжува да дава внатрешна светлина за расудување. Потребна е светлина за разгледување на конституциите, соочувајќи се со бројните конкретни проблеми на манастирите и животот во заедница; таа светлина е надежта во Евангелието. Но, останувајќи секогаш вкоренети во отците основачи, мајката-основачка и во свети Иван – напомена Светиот Отец и објасни:
Надежта на Евангелието се разликува од илузиите засновани на човечки пресметки. Тоа значи да Му се предадеме на Бога, да научиме да ги читаме знаците што Тој ни ги дава за да расудуваме за иднината, да знаеме да донесеме храбра и ризична одлука, дури и ако во тој момент целта кон која ќе нè води не е позната. Да не се потпираме само на човечки стратегии, на одбранбени стратегии кога треба да се размислува за манастир што треба да се спаси или да се напушти, за облици на живот во заедница, за звањата.
„Носталгијата не функционира“
Одбранбените стратегии не се ништо повеќе од носталгично враќање во минатото – предупреди римскиот бискуп, тоа не функционира така, носталгијата не функционира. Напротив, евангелската надеж му дава радост на животот до денес и нè прави способни да гледаме кон иднината, со корените кои сме ги примиле. Тоа значи зачувување на харизмата, ентузијазмот за да се оди напред, и тоа функционира – истакна папата Фрањо, а на крајот ги поттикна Кармелитјанките да гледаат напред, да гледаат кон иднината, и тоа со евангелска надеж, со боси нозе, односно со слободно препуштање на Бога, да гледаат во иднината со корените во минатото.
Ватикан њуз/к.мк