За време на редовната Генерална аудиенција во Ватикан, во среда 25 јуни 2025 година, папата Лав XIV размислуваше за две евангелски чуда што сведочат дека Господ секогаш може да нè исцели, кога му се обраќаме со доверба и вера. „Исус е нашата надеж“, порача тој, „и Тој е Оној што може да нè обнови“.
„Во животот има моменти на разочараност и обесхрабрување, но и средби со болка и смрт. Да учиме од таа жена и од тој татко: да одиме кај Исус – Тој може да нè исцели, Тој може да нè воскресне. Исус е нашата надеж!“
Со овие зборови, папата Лав XIV се обрати на Генералната аудиенција во средата во Ватикан, продолжувајќи ја серијата катехези на јубилејната тема „Христос – нашата надеж“, осврнувајќи се оваа седмица на две евангелски чуда што ја откриваат исцелителната сила на верата во Исус Христос.
Две чуда родени од вера
Првото чудо, според Евангелието по свети Марко, се однесува на жена која долги години страдала од крвотечение и поради тоа била сметана за нечиста од општеството. Со цврста вера дека Исус може да ја излекува, таа се приближила и ја допрела Неговата облека. Исус, чувствувајќи дека од Него излегла сила , ја пофалил нејзината вера и ѝ рекол: „Ќерко, верата твоја те спаси. Оди во мир.“
Во второто чудо, Исус воскреснува млада девојка, ќерка на еден старешина на синагога, кој иако слушнал дека девојчето умрело, со вера му се обратил на Исус. Спасителот му рекол: „Не плаши се, само верувај!“ Влегувајќи во домот, каде што сите ридале, Исус изјавил: „Детето не е мртво, туку спие“, и ја воскреснал.
Папата нагласи дека овие два настана покажуваат како вистинската и упорна вера го отвора патот за Божјата благодат, и дека ништо не е невозможно за Господ.
Исус нè преобразува одвнатре
Папата Лав посочи и на еден детал од второто чудо: откако ја воскреснал девојката, Исус им рекол на нејзините родители да ѝ дадат да јаде. Овој гест, рече тој, ја открива грижата на Спасителот не само за духовното, туку и за секојдневното, човечкото.
„Кога нашите деца се наоѓаат во духовна криза, дали знаеме како да им ја понудиме вистинската храна – Божјото Слово?“ праша Папата, додавајќи: „Како ќе им го дадеме, ако самите не сме нахранети со Евангелието?“
Овие чуда, рече Светиот Отец, нè повикуваат на лична преобразба. „Понекогаш не сме свесни, но Божјата благодат таинствено нè допира и нè обновува одвнатре.“
Во Исус сè станува ново
„И денес,“ рече Папата, „многумина му приоѓаат на Исус на површен начин, без вистинска доверба во Неговата сила. Влегуваме во храмовите, но срцето ни е далеку.“
Двата евангелски настани, подвлече Папата, се силен повик да му се обратиме на Исус со целосна вера и доверба, зашто Тој е Оној кој прави сè ново и Кој единствен може вистински да нè исцели и преобрази.
Ватикан њуз/к.мк