На крајот од Генералната аудиенција во среда 2 септември 2020 година одржана во дворот Свети Дамас во Ватикан, папата Фрањо најави дека на 4 септември ќе се одржи ден на молитва и пост за Либан.
Либан не смее да биде напуштен во својата осаменост – рече папата Фрањо во својот апел и ги поттикна Либанците да продолжат да се надеваат и да соберат сила и енергија, која е потребна за да започнат од почеток.
Пастирите на Црквата, сите свештеници, монаси и монахињи ги повика да бидат близу до својот народ давајќи пример на сиромаштво и понизност и да бидат творци на слога и вистинска култура на средба.
Потоа Папата ја најави посебната иницијатива која присутните ја поздравија со аплауз: „Сакам сите да ве повикам на општа молитва и пост за Либан, која ќе се одржи на 4 септември“ – рече Папата, најавувајќи дека тој ден има намера во Либан да го испрати кардиналот Државен секретар. „Исто така ги повикувам браќата и сестрите од другите вероисповеди и верски традиции да се придружат на оваа иницијатива на начин кој го сметаат најсоодветен“ – повика Папата.
Ватикан њуз/к.мк