Папата: Нашата Црква е Црква на маченици
„Црквата денес е Црква на мачениците“, на бројни браќа и сестри обезглавени, изгорени живи, фрлени во морето, само затоа што се христијани“. Ова го рече папата Фрањо во проповедта за време на утринската литургија во капелата во домот Санта Марта во вторник 21 април, коментирајќи го извадокот од Дела Апостолски за пресудата на Синедрионот над Стефан и неговото убиство со каменување (Дела 7,51 – 81).
Мачениците немаат потреба од „друга храна“, бидејќи нивниот единствен леб е Исус, истакна Папата. Тие „немаат потреба од преговори или да прават компромиси“. Сведоштвото на Стефан е такво што неговите хулници „не успеваат да одолеат на мудроста и духот со кој им зборува“, посочи папата Фрањо. Исто како Исус и Стефан, треба да се соочи со лажни сведоци и народниот бунт, кој го води пред судот. Тој ги потсетува колку други пророци биле убиени, за да останат верни на Божјото Слово и кога „ја исповеда својата визија за Исус“, тогаш неговите гонители се скандализираат, си ги затвораат ушите, за да не го слушнат, а потоа го прогонуваат надвор од градот за да го убијат со каменување.
„Божјото Слово секогаш е непријатно за некои срца – истакна папата Фрањо. Божјото Слово ги вознемирува тврдоглавите и неверниците, зашто тоа поттикнува да одиш напред. Во историјата на Спасението, многу маченици биле убиени поради својата верност кон Божјото Слово и Вистината“.
Мачеништвото на Стефан е слично со она на Исус: умира „со онаа христијанска великодушност на простување и молитва за непријателите“, продолжи Папата. Гонителите на пророците, како и на Стефан“, сметаат дека ако го воспеваат Бог со тоа се верни на Божјото Слово“. „Денес, историјата на Црквата е историја на светци и маченици: прогони на маченици, бројни, убиени од оние кои сметаат дека го воспеваат Бога и ја поседуваат „вистината“.
„Денес, мачениците како Стефан во светот се многу! Да се сетиме на обезглавените наши браќа на плажата во Либија; на момчето кое беше запалено од своите врсници, бидејќи е христијанин; на оние бегалци, фрлени во морето од другите затоа што се христијани; на оние Етиопјани, убиени затоа што се христијани … И уште многу други за кои не знаеме, но кои страдаат во затворите, бидејќи се христијани … Црквата денес е Црква на маченици: тие страдаат, го даваат животот, а ние го добиваме Божјиот благослов заради нивното сведоштво“.
Постојат и многу „скриени маченици“, оние мажи и жени верни на „гласот на Духот, кои бараат нови патишта, за да им помогнат на сиромашните и уште повеќе да го сакаат Бог, но се осомничени поради хулење и се прогонувани од многу други „модерни Синедриони“ кои се сметаат за господари на вистината. Колку многу непознати маченици“.
РВ/В.Н.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк