Папата: Насилството во име на религијата е навреда на Бог

Папата: Насилството во име на религијата е навреда на Бог

Мирот и понатаму е важна задача во денешниот свет во кој толку народи се ранети од војни и конфликти – истакна папата Фрањо во своето обраќање до делегатите на светската конференција „Религиите за мир“, а со кои се сретна пред Генералната аудиенција на 18 октомври 2017 година.

Мирот воедно е и Божји дар и човечко постигнување – продолжи Светиот Отец. Од таа причина припадниците на сите вероисповеди се повикани да бараат и да се молат за мир. Сите луѓе со добра волја, а посебно оние на положби со одговорност, со своите срца, умови и раце се повикани да работат за мирот. Мирот треба да се „изработи.“ Во тие напори миротворството и потрагата за правда одат заедно – рече Светиот Отец.

Папата истакна дека религиите заради своите духовни и морални ресурси имаат посебна и единствена улога во градењето на мирот. Кога станува збор за мирот – продолжи папата Фрањо – религиите не можат да бидат неутрални, а уште помалку двосмислени. Тој нагласи дека оние кои вршат насилство или настојуваат да го оправдат повикувајќи се на религија, тешко го навредуваат Бог кој е мир и негов извор и во луѓето оставил одраз на својата мудрост, моќ и убавина.

Светиот Отец ја изрази својата почит и благодарност за работата на организацијата „Религиите за мирот“ и додаде дека нивната служба е вредна како за религијата така и за мирот, религиите според својата приорда се обврзани да промовираат мир по пат на правда, братство, разоружување и грижа за создаденото.

Од страна на религиите постои потреба за заеднички напори во промовирањето на екологијата во целост – рече Папат. Во таа смисла ни помага Библијата, потсетувајќи нè на Создателот кој „И виде Бог дека е многу добро сè она што го беше создал“ (1Мој 1, 31). Религиите ги поседуваат потребните средства за да го унапредуваат моралниот сојуз кој може да промовира почитување на човечкото достоинство и грижа за создаденото.

Му благодариме на Бог – продолжи Светиот Отец – во различни делови на светот имаме добри примери за меѓурелигиска соработка во спротивставување на насилните конфликти, промовирање на одржливиот развој и заштитата на земјата. Да продолжиме да одиме по тој пат! Да се довереме на помошта од Семоќниот и со добрата волја на верниците и на многу други – рече на крајот папата Фрањо.

На крајот потсетуваме дека организацијата „Религиите за мирот“ е најголема светска мултирелигиозна коалиција која од 1970 година промовира заедничко делување за мир, и тоа по пат на унапредување на мултирелигискиот консензус за позитивните аспекти на мирот како и за конкретното делување за запирање на војните, борбата со сиромаштвото и бедата и заштитата на планетата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот