Папата нареди проширување на Ватиканската архива и библиотека

Папата нареди проширување на Ватиканската архива и библиотека

Поради зголемувањето на библиографските фондови и документарната продукција на Светиот Престол, папата Лав XIV одреди нов простор за Ватиканската апостолска архива и Ватиканската апостолска библиотека и побара изградба на нов објект.

Со хирограф, папата Лав XIV им додели дополнителен простор во рамките на Државата Град Ватикан на Ватиканската апостолска архива и на Ватиканската апостолска библиотека, и побара изградба на нов објект.

Потребата од нова зграда произлегува, како што пишува Папата, од „значителното зголемување во последните децении на библиографските фондови на Светиот Престол“, како и од зголемената „документарна продукција на неговите институции“. Поради тоа, просториите што досега им биле на располагање на Архивата и Библиотеката станале „недоволни“.

Во хирографот се потсетува дека папата Фрањо претходно определил простор што припаѓа на Латеранскиот комплекс, на другата страна од центарот на Рим, како „соодветна локација за оваа намена“.

Сепак, во последните месеци, наведува папата Лав XIV, „се појавија нови можности за создавање нови простори на територијата на Државата Град Ватикан“, кои од повеќе причини се „попожелни“ од претходно определеното решение.

Нова зграда

Затоа Папата, истакнувајќи ја важноста на „институциите што го чуваат и штитат административното и културно сеќавање на Апостолскиот Престол“, нареди просторот на таканаречената „Фонтана дел’Аутопарко“ и соседните површини да им бидат доделени на Ватиканската апостолска архива и на Ватиканската апостолска библиотека, според границите наведени во приложениот план.

Папата, исто така, побара „во согласност со најсовремените архитектонски и технолошки принципи и со важечките прописи“ да се изгради нов објект, првенствено наменет за потребите на Ватиканската апостолска архива и на Ватиканската апостолска библиотека.

Новиот простор треба да биде подеднакво распределен меѓу двете институции, а еден дел ќе биде наменет и за други потреби на Државата Град Ватикан.

Обезбедување и управување со ресурсите

Папата пишува дека Управата на Државата Град Ватикан ќе дејствува во целосна согласност со Ватиканската апостолска архива и на Ватиканската апостолска библиотека, преземајќи ги трошоците за просторите наменети за државните служби.

Исклучок од тоа ќе бидат преместувањето на автопаркот и изградбата на новиот паркинг-простор, кои ќе бидат на товар на Ватиканската апостолска архива и на Ватиканската апостолска библиотека

Понатаму, со цел да се обезбедат финансиските средства потребни за изградба на просторите наменети за Архивата и Библиотеката, како и за ефикасно управување со ресурсите, Папата утврдува дека двете институции, како основачи и промотори, треба да основаат „Ватиканска инструментална фондација“.

Фондацијата ќе се управува според правните и оперативните правила утврдени во motu proprio „За инструменталните правни лица на Римската курија“ од 5 декември 2022 година.

До изградбата на новата зграда, се наведува на крајот од хирографот, Ватиканската апостолска библиотека ќе продолжи да ги користи складиштата што моментално ги зазема во главната Папска римска семинарија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот