Оптимизмот може да разочара, но вистинската надеж никогаш – порача папата Фрањо на Генералната аудиенција на 7 декември 2016 година во салата Павле VI. Папата започна нова серија катехези во кои ќе размислува за христијанската надеж.
Во овие времиња кога изгледа дека злото е посилно, надежта нѐ теши со гаранцијата дека Христос го победи гревот и постојано е присутен меѓу нас – рече Светиот Отец.
Папата потсети дека во овој Божиќен пост уште еднаш ја слушаме големата порака на утехата која ја изговара пророкот Исаија, тој голем гласник на надежта: „Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели нашиот Бог“ (Исаија 40, 1) Бог го утешува својот народ подигнувајќи утешители – продолжи Светиот Отец – кои ги повикува да ги охрабрат неговите деца, навестувајќи им дека нивната неволја и жалост ќе заврши, а гревот ќе им се прости. Тоа е она што го лекува тажното и исплашено срце. Затоа пророкот повикува да се подготви патот на Господ – рече Папата.
Прогонството на израелскиот народ бил драматичен момент во неговата историја – продолжи папата Фрањо – Израелците загубиле сѐ: својата татковина, слободата, достоинството, но и својата доверба во Бог. Се чувствувале напуштени и без надеж. Папата го гледа повикот на Исаија како Божјо ветување на народот дека ќе го врати од вавилонското прогонство, тој повик повторно го отвора срцето за верата. Бог го подготвува патот низ пустината не само за да се вратат во татковината, туку да Му се вратат Нему и да ја вратат надежта и насмевката.
Една од првите работи која им се случува на луѓето кои се оддалечуваат од Бог е загубата на насмевката – смета Светиот Отец и додаде: Тие можат да се смејат но им недостасува насмевката. Насмевката е таа која дава надеж, насмевката на надежта дека ќе го пронајдеме Бог.
Животот често е пустина – рече папата Фрањо – но ако се потпираме на Бог, животот може да стане убав и широк како автопат. Само не смееме да ја загубиме надежта, треба да продолжиме да веруваме секогаш без оглед на проблемите и тешкотиите на кои можеме да наидеме. Можеме да имаме многу проблеми, но кога ќе се најдеме пред детето, ни доаѓа насмевка на лицето, затоа што сме соочени со надежта: детето е надеж! И така во животот можеме да ја видиме надежта дека ќе го најдеме Бог, Бог Кој стана дете за нас.
Папата смета дека со повикот на надеж е поврзан и повикот на преобраќање. Кога Иван Крстител го навестувал Исусовото доаѓање Израелскиот народ се наоѓал под римска власт: биле речиси заробеници во сопствената земја. Но додека историјата на големите, историјата на моќниците е таква, вистинската историја е поинаква:
Вистинската историја – историјата која останува за вечност – е таа која Бог ја пишува со малите. Светото Писмо ни говори дека Христовото раѓање го подготвувале мажи и жени кои никогаш не ја загубиле довербата во Божјите ветувања: Марија, Јосиф, Захарија и Елисавета. Тие се мали, но станале големи преку својата вера затоа што знаеле да бидат упорни во надежта. Надежта е доблест на малите. Затоа да ја наследуваме нивната надеж и да го исчекуваме доаѓањето на Спасителот Кој ја преобразува пустината на нашите животи во градина преполна со цвеќе.
Папата Фрањо на крајот од Генералната аудиенција го осуди злото на корупцијата и повика на заштита на човековите права. Поводот за неговиот апел е одбележувањето на Меѓународниот ден на борба против корупцијата (9 декември) како и Меѓународниот ден на човековите права (10 декември). Папата истакна дека корупцијата и човековите права меѓусебно се тесно поврзани:
Корупцијата е негативен аспект, против неа треба да се бориме започнувајќи од сопствената совест и будно внимавајќи на сите подрачја на јавниот живот посебно на оние најзагрозените. Човековите права претставуваат позитивен аспект кој одлучно и секогаш од ново треба да се промовираат така што никој да не биде исклучен од делотворното признавање на основните човекови права. Нека Господ ни помогне во оваа двојна задача – рече на крајот Светиот Отец.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк