Папата: Надежта е „горивото“ на христијанскиот живот

Папата: Надежта е „горивото“ на христијанскиот живот

На 15 декември 2016 година папата Фрањо ги поздрави младите пациенти, нивните семејства и болничкиот персонал во детската болница Бамбино Џезу и ги поттикна да ја негуваат надежта и да Му кажат „благодарам“ на Бог што им го покажал патот за да му дадат смисла на своето постоење.

На аудиенцијата имаше повеќе од стотина деца од целиот свет кои се наоѓаат на лекување во ватиканската болница, а меѓу нив 15 деца од Централната Африканска Република, каде Бамбино Џезу има посебен проект за соработка како оние во Јордан и Палестина со кои настојува да понуди медицинска помош на децата бегалци од Сирија и Ирак.

На почетокот на аудиенцијата претседателката на Бамбино Џезу, Мариела Енок говореше за болничкиот систем кој се протега далеку надвор од регионалните и националните граници: имаат центри во сиромашните италијански региони како и во голем број меѓународни мисии во земјите во развој. Објасни дека денес Бамбино Џезу е присутна во 12 земји, а целта е да се овозможи грижа и пренесување на искуствата во најсиромашните делови во светот.

Потоа папата Фрањо одговараше на прашања од присутните. Медицинска сестра по име Валентина го праша „зошто децата страдаат“? На што одговори дека тој нема одговор на тоа прашање и продолжи: Ниту Исус нема одговор на тоа прашање, но Тој ни го покажува патот како да му дадеме смисла на нашето човечко искуство; Тој самиот страдаше понудувајќи го својот сопствен живот заради нашето спасение. Сѐ што можеме да направиме е да бидеме близу до детето кое страда, да плачеме со него, да се молиме со него, да го насочиме својот поглед кон Распнатиот.

Светиот Отец ги поттикна христијаните, кои бараат мелем за оние кои се во близина на оние кои страдаат, никогаш да не ја занемарат вредноста на благодарноста и секогаш да кажат „благодарам“. Да се каже благодарам е лек против нападот на безнадежност, а надежта е „гориво“ за христијанскиот живот која ни овозможува секојдневно да одиме напред.

Дино член на персоналот на Бамбино Џезу праша за поголем простор за пациентите, а Папата му одговори дека е клучно да се отвори срцето, а Провидноста ќе најде конкретни простории. Тој ја искористи можноста да предупреди на искушението за претворање на болницата во место каде се извршува бизнис, место каде лекарите и медицинските сестри гледаат на профитот, велејќи дека една од најголемите рак рани во болниците е корупцијата. Светиот Отец со силни зборови говореше против она што го нарекува индустрија на здравјето која брка профитот, а залажува многумина. Папата истакна дека сите сме грешници, но мораме да учиме од децата и никогаш да не бидеме корумпирани.

Лука кој е на почетокот од својот професионален и човечки пат како педијатар медицински техничар, Папата го поттикна да ги следи своите соништа и никогаш да не престане да прави добро. Светиот Отец рече дека животот без соништа не е достоен за Бог; уморен, потиштен живот без ентузијазам не е христијански живот.

Конечно одоговори и на Серена поранешна пациентка на онколошкиот оддел во детската болница која студира медицина за да стане лекар. Папата говореше за посебната сила и радост на оние кои го посветиле својот живот и своите таленти за другите: тоа е дар – рече Папата. На крајот потсети на монахињата италијанка која му го спасила животот кога како момче заболел од воспаление на белите дробови. Говореше за нејзината радост и радоста која произлегува од сеењето живот, помагањето на младите да растат и дарувањето за другите.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот