На претпоследниот ден од своето Апостолско патување во Португалија, на 5 август 2023 година, папата Фрањо го посети богородичното светилиште во Фатима, каде заедно со болни млади луѓе молеше Света Бројаница во капелата на објавата.
Според проценките, Светата Бројница ја молеле скоро 200 илјади луѓе.
Ова е втор пат како Светиот Отец го посетува Меѓународното светилиште на Пресвета Богородица во Фатима – претходно го посети во 2017 година.
Пред молитвата претходеше долго возење со папамобилот од аеродромот до светилиштето, при што Папата ја поздравуваше и благословуваше толпата.
Папата Фрањо постави златна бројаница пред статуата на Богородица како подарок на светилиштето. Потоа се молеа радосните таинства од Бројаницата.
Бискупот на Леирија-Фатима, Хозе Орнелас Карваљо, претседател на Португалската бискупска конференција, во својот поздравен говор до Папата рече: „Ваша Светост се придружуваме на вашата молитва за мир, со која ова светилиште е длабоко идентификувано, особено мислејќи на војната во Украина и многу други жаришта на конфликти во светот, кои драматично ги оптоваруваат животите и иднината на децата и посебно на младите“.
Обраќајќи им се на присутните по молитвата, Светиот Отец спонтано, без подготвен говор, рече дека Црквата може да биде само „куќа на радоста“.
„Парклисот во кој се наоѓаме е прекрасна слика на Црквата. Гостопримлива и без врати – црквата нема врати, за да можат сите да влезат. Овде можеме да нагласиме дека секој може да влезе, бидејќи ова е Мајчин дом, а мајката секогаш има отворено срце за сите свои деца, сите, сите, без исклучок“.
Марија е во движење, оди, не стои во место“, нагласи Папата. Секогаш кога има проблем – додаде тој – таа не одложува, веднаш доаѓа. Брза. Богородица брза да биде блиску до нас. Брза бидејќи е мајка.
Понатаму, Богородица секогаш придружува, но не е протагонист. Таа прифаќа и упатува кон Исус.
Во Фатима, Марија беше присутна на посебен начин, бидејќи во неверување на толку многу срца, таа укажува на Исус. „И денес таа е меѓу нас“, нагласи Папата и додаде: „Денес се чувствуваме многу поблиски со Марија која брза“. Исус нè сака толку многу што се поистоветува со нас и соработува со нас. А Марија ни покажува што бара Исус од нас: да соработуваме во животот, одејќи со него“. Потоа ги повика насобраните да ја погледнат Богородица и да се запрашаат што им порачува.
Ватикан њуз/к.мк