Кога молиме уверувајќи го, ценкајќи се, муцкајќи или расправајќи се со Господ, Тој е оној кој нашата молитва ја принесува пред Отецот
Молете храбро, лице во лице со Господ, не млако, туку ставајќи ја целата своја доверба во Него – рече папата Фрањо на утринската света Литургија во четврток 4 април 2019 година која ја служеше во капелата на домот Света Марта. Во проповедта зборуваше за молитвата, еден од трите начини, покрај постот и милосрдието, кои за време на Великиот пост се подготвуваме за Воскресението. За да разбереме во што се состои застапничка молитва, потсети на некои ликови од Библијата, како што се: Мојсеј, Авраам, Ана, мајката на Самуил и Хананејката.
Токму првото читање од денешната Литургија ни зборува за застапничката молитва која Мојсеј ја упатува до Бог заради народот – рече Папата и објасни: Имено поради златното теле Бог вели: „Остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам“. Мојсеј го моли Господ да не го прави тоа и му вели на Бог како „ ученик на учител “. Се обидува да го убеди Бог, кротко, но одлучно, да се откаже од намерата да ги казни. Го потсетува Господ на ветувањата кои му ги даде на Авраам, Исак и Израел. Тоа е како да вели: Господи, не давај лоша слика за себе, сето тоа ти го направи“.
Во првото читање Господ му вели на Мојсеј: „Од тебе ќе направам народ голем.” – рече Светиот Отец и продолжи: Но, Мојсеј се зазема за тој народ, сака да оди со тој народ и ништо повеќе. Во Библијата има многу делови кои зборуваат за застапувањето. На пример Господ му вели на Авраам дека сака да го уништи Содом. А Авраам кој имал роднини кои живеат таму, сака да ги спаси, и затоа побара од Господ ако таму има 30 или 20 или 10 праведници, да ги поштеди. Господ одговара дека од почит кон тие луѓе нема да го уништи градот. На крајот, само семејството на Лот, роднините на Авраам, било праведно.
Потоа папата Фрањо се осврна на други начини на застапување кои се понудени во Библијата. На пример Ана, мајката на Самуил, која во тишина мрда со усните и стои пред Господ муцкајќи и молејќи до таа мера што свештеникот кој ја гледал одблизу, мислел дека е пијана. Но, Ана молела за детето. Тоа било тага на жена која го моли Бог. Во евангелието има и една храбра жена која во молитвата не користи уверувања, угодување и тивко инсистирање. Тоа е Хананејката, која бара оздравување на својата ќерка која ја мачи лош дух.
Исус на почетокот одговара дека е испратен само кај Израелците, и дека не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата – рече Папата и додаде: Не се збунила, туку истрајала говорејќи му на Исус дека и кучињата јадат од ронките кои паѓаат од трпезите на нивните господари. Таа жена не се преплашила и го добила она што го барала. Во Библијата има многу примери на застапничка молитва. Потребна е храброст за да можеме така да молиме и разговараме со Бог, лице во лице. Понекогаш, кога некој ќе види како некои луѓе се борат со Господ за да добијат нешто, може да се помисли дека се караат со Бог, и на тој начин доаѓаат до она што го бараат. Меѓутоа, тие тоа го прават затоа што веруваат дека Господ може да им ја даде таа милост.
Потребно е многу храброст за да молиме – рече Светиот Отец и додаде: Често пати сме млаки. Некој може да ни каже: Моли затоа што имам проблем. Можеби ќе одговориме: Да, ќе измолам два пати Оче наш и две Радувај се Маријо, а потоа забораваме. Не е добро да молиме како папагали. Вистинската молитва е со Господ. Кога мораме да се застапуваме, мораме да молиме со Него и храбро. Луѓето во секојдневниот говор користат израз кој ми зборува многу. Кога сакаат да постигнат нешто велат: „Ќе направам сѐ што е можно“. Во застапничката молитва важи истото: „Ќе направам сѐ што е можно“.
Потребна е храброст за да се оди напред – рече папата Фрањо. Но, може да се појави сомнеж. Некој ќе каже: Правам тоа и тоа, но како може да знам дека Господ ме слуша? Единствената наша сигурност е Исус. Тој е нашиот голем застапник. Исус кој се вознесе на небото, тој е пред Отецот и се застапува за нас, како што му вети на Петар пред страдањето дека ќе се моли неговата вера да не намали. Тоа е Исусовото застапништво. Тој се моли за нас и во овој момент.
Кога молиме уверувајќи го, ценкајќи се, муцкајќи или расправајќи се со Господ, Тој е оној кој нашата молитва ја принесува пред Отецот – рече Папата и истакна: Исус не треба да му зборува на Отецот, Тој му ги покажува раните. Отецот ги гледа раните и дава милост. Кога молиме, да мислиме на тоа дека тоа го правиме со Исус. Кога во храбрата молитва за застапување правиме така, тоа го правиме со Исус. Исус е нашата храброст и сигурност која во овој момент се застапува за нас. Господ нека ни даде милост да одиме по тој пат и да научиме да посредуваме. Кога некој бара од вас да молите, не правете го тоа само со измолени две молитви и готово, направете го тоа сериозно, во Исусова присутност, со Исус кој за сите нас се застапува кај Отецот.
Ватикан њуз/к.мк