Папата: Младоста не е пасивност, туку постигнување на важни цели

Папата: Младоста не е пасивност, туку постигнување на важни цели

Во салата Павле VI во Ватикан папата Фрањо ги прими учениците на бискупскиот училишен центар „Грегорио Барбариго“ од Падова и во отворен дијалог одговараше на нивните прашања. Сите ги повика да не се согласуваат на компромиси и просечност, туку да се стават во служба на другите и тоа храбро и со занес.

Ризикувајте во животот, не бидете „млади на каучот“; младоста не е пасивност туку силно настојување околу постигнувањето на важните цели – со тој поттик папата Фрањо им се обрати на учениците од бискупскиот училишен центар „Грегорио Барбариго“ од Падова кои ги прими во аудиенција на 23 март 2019 година. Во радосно и спонтано расположение, Папата одговори на неколку нивни прашања.

Младоста не значи пасивност

Прва на Папата му се обрати Софија ученичка во седмо одделение основно училиште и го праша на кој може вистински да се довери во моментите на изгубеност. Светиот Отец ја советуваше пред сè да се потпре на младешкиот занес, на способноста за радосно гледање на иднината, знаејќи исто така да ризикува во животот. Во младоста учиме дека во животот ништо не е бесплатно – рече Папата. Мора да ги гледаш целите, да дојдеш до нив. Единствено бесплатна е Божјата љубов, Божјата милост. Бесплатна е затоа што Он секогаш ќе нè сака. Но за да напредуваме потребен е секојдневен напор.

Затоа младите не смеат да го поминат животот на каучот, одејќи прерано „во пензија“, напротив треба да ја отфрлат пасивноста и просечноста. Треба да одат напред не заборавајќи дека животот е постојан дијалог за кој е потребен разговор со семејството, со пријателите, со воспитачите. Посебна улога во тоа треба да имаат дедо и баба– како што рече Папата, кои не се досадни и можат да им помогнат на младите да не бидат „разводнети“. Треба да разговарате со дедо и баба затоа што тие се корените – ги советуваше Светиот Отец. Ако не одите на своите корени ќе бидете искоренети млади. А кога нема корени нема и раст, нема цветови, нема плод. Треба да растете и тоа вкоренети.

„Не“ на културата на смртта, молчењето и отфрлањето

Потоа Папата се осврна на сведоштвото на еден ученик за животот во тоа училиште во кое се разговара и за важните прашања за животот и во кое се искусува радоста во служењето на другите и истакна дека тоа е голема предност, да се посетува училиште во кое се разговара за смислата на животот, настојувајќи да се промовира културата на животот. Во овој момент, во кој се водат голем број војни, живееме во културата на смртта и културата на молчење односно во занемарувањето на работите кои поминуваат, а тоа не е живот, тоа е смрт.

Или пак – додаде Папата, во културата на рамнодушноста; кога велиме: не ми е грижа што се случува таму, јас ги гледам моите работи, своите можности, својот џеб и ништо друго. Конкретноста – истакна Светиот Отец, која поминува исто така во прашањето „колку деца секоја година умираат од глад во воените подрачја“ може да се постигне со три воспитни димензии; со говор на главата односно изразување на идеите и на разумот; говорот на срцето и говорот на раката.

Пророци и сведоци на надежта

Матурантот Џовани праша како да ги сфати соништата кои Бог ги има за него. Пред сè преку молитвата – му одговори папата Фрањо и додаде: Само ако не е изговорена како папагал, туку ако доаѓа од срцето. Сите присутни ученици Светиот Отец ги поттикна да не донесуваат „одлуки од лабараторија“ кои се поттикнат од економски интереси, туку да се ставаат во служба на другите и хоризонтот да го гледаат со занес и смело, не венејќи. Овенати млади се оние кои својата радост ја ставаат во површните работи во животот и не одат во длабочината, до важните прашања, со занес. Имено животот се игра со занес – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот