Папата Фрањо во разговор со новинарот на италијанскиот дневен весник „Ла Стампа“, Доменико Агаса, објавен на 18 ноември, зборуваше за повеќе теми, меѓу кои ја истакна континуираната дипломатска работа на Светиот Престол со цел да се најде можност за вистински прекин на огнот и вистински преговори меѓу Русија и Украина.
Мирот меѓу Русија и Украина е можен, а Светиот Престол е подготвен да направи се што е можно за да посредува и да стави крај на овој вооружен конфликт. Во интервјуто Папата уште еднаш ја нагласува апсурдноста на војната, истакнувајќи дека човештвото ништо не научило од првите две светски војни, а особена лутина и тага предизвикува сознанието дека зад сите овие трагедии се крие желбата за моќ и трговијата со оружје. Ми рекоа дека гладот во светот ќе се искорени ако една година не се произведува и продава оружје. Меѓутоа, секогаш преовладува деструктивниот повик кој се претвора во војни. Кога империите слабеат, тие сакаат да војуваат за да се чувствуваат силни, но и да продаваат оружје, истакна Папата.
Би било доволно да отидете на гробиштата во Анзија и да размислите за возраста на таму погребаните; Американски млади мажи, 20-годишници, рече Папата и ги спомна и воените гробишта од Првата светска војна во италијанскиот град Редипуља и истоварувањето во Нормандија, кое како што истакна, го означи почетокот на падот на нацизмот, но при тоа колку млади луѓе беа убиени!
Што се однесува до дипломатските активности меѓу Ватикан и Кремљ, папата Фрањо рече дека Светиот Престол постојано го следи развојот на ситуацијата и ја оценува секоја можност што може да доведе до вистински прекин на огнот и вистински преговори. Во меѓувреме, ангажирани сме во обезбедување хуманитарна помош за народот на измачената Украина, која ја носам во моето срце заедно со нивните страдања. Покрај тоа, Светиот Престол прави се што е потребно за да им се помогне на воените затвореници.
Папата уште еднаш изрази надеж за можен мир и помирување меѓу Москва и Киев. Сепак, секој треба да се посвети на демилитаризирање на срцата, почнувајќи од своето, а потоа смирување и разоружување на насилството. „Сите треба да бидеме пацифисти, да сакаме мир, а не само примирје што може да послужи само за повторно вооружување. Потребен е вистински мир, кој е плод на дијалогот. Мирот не се постигнува со оружје, бидејќи со него не се победува омразата и жедта за доминација, која повторно ќе се појави, можеби на некој друг начин“.
Во поглед на средбата со Џорџија Мелони, првата жена премиер во Италија, Папата рече дека неа, како и сите лидери на другите земји, ќе ја повика да не ги заборави последните, оние најслабите. Со оглед на честиот говор за можно враќање на некаков облик на фашизам, Светиот Отец рече дека секогаш треба да внимаваме на сите „-изми“, бидејќи тие лицемерно сеат општествена и политичка злоба.
Осврнувајќи се на дводневното патување во Асти, на кое ќе замине во сабота 19 ноември 2022 година, а со тоа ќе се врати на корените, ќе се сретне со своите роднини во местата од каде неговите предци заминале во Аргентина, Папата особено го истакна суштинското значење на корените, особено во нашата глобализирана и хипертехнолошка ера. Тие се важни од две перспективи: културни, бидејќи никогаш не треба да се заборават или негираат своите културни корени; и од семејството, затоа што секогаш треба да ги негувате и цените семејните корени, особено бабите и дедовците. „Мислам дека младите треба што повеќе да разговараат со своите баби и дедовци, за да ги одржат силни своите сопствени корени. Ако дрвото се одвои од корените, тоа не расте, се суши и умира. Важно е за нашиот културен и социјален раст, но и за развојот на нашата личност, да го одржуваме жив односот со корените“.
Одговарајќи на новинарско прашање за омиленото пиемонтско јадење, Папата ја нагласи итната потреба да се реши „скандалот“ со глад кој погодува милиони возрасни и деца во светот. Не можеме да останеме рамнодушни на тоа. Ова треба да биде приоритет за сите: оние кои имаат среќа да имаат храна во секојдневниот живот, не смеат да ја расипуваат – а тоа важи и за водата – да се учат на тоа и децата. И меѓународната заедница е повикана да работи на вистинско елиминирање на гладот во светот, што е скандал и срам, но и злосторство, предупреди папата Фрањо.
Новинарот се интересираше какви мисли потикнува наближувањето на 10-годишнината од неговиот понтификат. Светиот Отец најнапред рече дека секојдневно размислува за својот живот и ја нагласи препораката на свети Игнатиј секој да прави испит на совеста барем еднаш дневно. Ова е важно за да разбереме што се случува околу нас и во нас. Така човек ги разбира благословите што ги добива од животот, добрите дела што ги направил, но и грдите работи што ги мисли и прави, истакна тој. На тој начин сфаќа и со каков дух се однесува кон желбата за помирување, пријателството, братството или пак паѓа во искушението на одмазда, кавги, ароганција, измама.
На прашањето дали е задоволен што е Папа, тој одговори дека, благодарение на неговиот повик, секогаш е среќен на местата каде што Господ го поставил и го испратил. Но, не затоа што освоив нешто со тоа… тоа е служба, а тоа Црквата го побара од мене. Го правам она што можам, секој ден, обидувајќи се да не застанам.
Како што се наближува неговиот 86-ти роденден, папата Фрањо рече дека на таа возраст чувствува голем мир, вистинска радост и побожност и го наоѓа Бога во молитвата, славењто на Евхаристијата и во секој човек што ќе го сретне. Со текот на годините научив да ги слушам луѓето. Слушајте ги најмалите; децата кои ви ја кажуваат вистината во лице; мудроста на постарите луѓе; и човечките и христијанските сведоштва на сиромашните. Слушањето ми користи многу, бидејќи така учам да им служам на луѓето, истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк