Папата: Меѓу христијаните треба да владее братско однесување

Папата: Меѓу христијаните треба да владее братско однесување

Кој има авторитет, мора да служи и да води со личниот пример – рече папата Фрањо пред илјадниците ходочасници и посетители кои се собраа на плоштадот Свети Петар, во Ватикан на 5 ноември 2017 година, за да присуствуваат на молитвата Ангел Господов.

Во фокусот на размислувањето на Папата беше денешниот евангелски дел (Матеј 23, 1-12), кој зборува за последните денови на Исусовиот живот во Ерусалим. Тие денови се исполнети со очекување, но и со тензии – рече Светиот Отец. Од една страна Исус жестоко ги критикува книжниците и фарисеите, а од друга страна Господ на христијаните од сите времиња, па така и на нас ни остава важна поука.

Исус му вели на мноштвото: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сè што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; Папата рече дека тоа значи како тие имале власт за да го поучуваат она што е во согласност со Божјиот закон. Меѓутоа, веднаш потоа Исус додава: а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат;“ (Матеј 23, 2-3). Папата Фрањо предупреди дека таа е честата грешка на оние кои имаат власт како на цивилното, така и на црковното подрачје: тие нешто бараат од другите, но самите тоа не го следат. Водат двоен живот – рече Светиот Отец и ги наведе Исусовите зборови: „врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат;“ (Матеј 23, 4).

Овде се работи за тоа што лошо се врши власта, а оние кои имаат власт треба да понудат добар пример. Авторитетот се раѓа од добриот пример, за да помогнат на другите да го прават она што е добро и неопходно, поддржувајќи ги во времето на искушенија на кои наидуваат на патот кон доброто. Авторитетот треба да биде помош, но ако се врши лошо, станува угнетувачки и не им дозволува на луѓето да растат. Така се создава атмосфера на недоверба и непријателство, и исто така води до корупција – предупреди Папата.

Исус отворено го критикува однесувањето на фарисеите и книжниците: „и сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето »учителе, учителе!« (Матеј 23, 5-7) Тоа е искушение кое одговара на човечката горделивост и која не е секогаш лесно да се надмине. Станува збор за искушението да живееме само за надворешноста – рече Светиот Отец.

Папата Фрањо рече дека Господ потоа на своите ученици им дава задача: „А вие, немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа; и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник – Христос. Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга;“ (Матеј 23, 8-11)

Ние како Христови ученици не смееме да се стремиме за никакви почесни титули, власт или надмоќ – истакна папата Фрањо. Лично ме прави тажен да видам луѓе кои психолошки живеат трчејќи за суетата на честа. Ние како Исусови ученици не смееме да го правиме тоа, туку меѓу нас секогаш треба да владее едноставно и братско однесување – рече Светиот Отец.

Сите ние сме браќа и сестри – продолжи Папата – на никој начин не смееме другите да ги надвладеваме и да ги гледаме од високо. Не, сите сме браќа и сестри. Сите дарови кои сме ги примиле од Отецот небесен треба да ги ставиме во служба на другите, а не од нив да профитираме за свое лично задоволство и интерес. Не смееме да се сметаме за поголеми од останатите. Скромноста е клучна за постоењето кое сака да се сообрази со науката Исусова Кој бил кротко и понизно срце и Кој дошол на светот не да биде служен, туку за да служи – нагласи Светиот Отец.

Нека Дева Марија ни помогне со своето мајчинско застапување да ја избегнеме горделивоста и суетата, и да бидеме кротки и послушни во љубовта која доаѓа од Бог за да им служиме на нашите браќа и сестри и за нивна радост која исто така ќе биде и наша – рече на крајот од наговорот папата Фрањо.

Светиот Отец по молитвата Ангел Господов ги поздрави бројните ходочасници од Италија и од светот и потсети дека вчера во индискиот град Индор за блажена е прогласена сестра Регина Марија Ваталил, монахиња од Дружбата фрањевски клариси, која во 1995 година е убиена заради својата христијанска вера. Сестра Ваталил дала сведоштво за Христос во љубовта и благоста и се придружува на долгата низа маченици од нашето време – истакна Папата и заврши: Нека нејзината жртва биде семе за верата и мирот, посебно во Индија.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот