Папата: Меѓурелигискиот дијалог е неопходен услов за мир во светот

Папата: Меѓурелигискиот дијалог е неопходен услов за мир во светот

На средбата со учесниците на меѓурелигиската конференција организирана од Движењето на Фоколарите, во понеделник 3 јуни 2024 година, Папата ја истакна важноста на патот што го започна Кјара Лубик со припадниците на нехристијанските религии кои ја делат духовноста на единство. Вашето сведоштво е причина за радост – рече Папата – причина за утеха, особено во ова време на конфликти, во кое религијата често се искористува за поттикнување конфликти.

Папата Фрањо ги прими во аудиенција учесниците на Меѓурелигиската конференција организирана од Делото на Марија, попознато како Движење на Фоколарите, кое обединува христијани од многу Цркви и христијански заедници, како и членови на други религии, како и луѓе од нерелигиозни убедувања. На почетокот Светиот Отец ја поздрави претседателката на Движењето, Маргарет Карам, родена во Хаифа, Израел, во палестинско семејство. Порача дека многу се моли за нејзината земја која моментално страда.

Петровиот наследник потоа се заблагодари за патот „со членовите на нехристијанските религии кои ја делат духовноста на единство“, која ја започна Кјара Лубик. „Револуционерен пат кој донесе многу добро за Црквата. Тоа е искуство вдахновено од Светиот Дух, вкоренето – можеме да кажеме – во срцето Христово, во неговата жед за љубов, заедништво и братство“, нагласи Светиот Отец.

Потоа истакна дека „Духот е тој што го отвора патот за дијалог и средба, понекогаш изненадувачки“, што го поддржа со пример од пред 50 години кога во Алжир беше формирана муслиманска заедница поврзана со Движењето на Фоколарите. Слична работа се случи – потсети Папата – на средбите на Кјара Лубик со водачите на различни религии: будисти, муслимани, хиндуси, евреи, сики и други.

На присутните во Апостолската палата им порача дека овој дијалог процвета со текот на времето, како што покажува нивното присуство.

Истакнувајќи ја Божјата љубов како основа на ова искуство, Светиот Отец истакна дека таа се изразува преку меѓусебна љубов, слушање, доверба, прифаќање и меѓусебно познавање, целосно почитувајќи ги идентитетите на другите.

„Со текот на времето, пријателството и соработката се зголемија, барајќи заеднички одговор на плачот на сиромашните, грижејќи се за созданието и работејќи за мир“, рече Папата, препознавајќи кај нехристијаните кои ја делат духовноста на Делото на Марија, браќата и сестрите, со кои го делат сонот за пообединет свет во хармонија со различностите.

„Вашето сведоштво – рече Папата – е причина за радост, причина за утеха, особено во ова време на конфликти, во кое религијата често се искористува за поттикнување на поделби“. Меѓурелигискиот дијалог, напротив, е неопходен услов за мир во светот, и затоа е должност за христијаните, како и за другите религиски заедници (Evangelii Gaudium, 250).

На крајот, папата Фрањо ги охрабри учесниците на конференцијата да чекорат напред и секогаш да бидат отворени, молејќи за нив Божји благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот