На 8 септември, папата Фрањо испрати порака до учесниците на 25 Меѓународен мариолошко-маријански конгрес, што се одржува преку Интернет од 8 до 11 септември 2021 година.
Собирот, организиран од Папската меѓународна маријанска академија, собра околу 300 претставници на мариолошките друштва и научници од целиот свет.
Марија нѐ учи да ги слушаме тивките извици на заборавените; таа е мајка на сите луѓе, без разлика на етничка или национална припадност, рече папата Фрањо во пораката до учесниците на тема „Марија меѓу теологиите и културите денес. Модели, комуникации, перспективи“.
Изразувајќи ја на почетокот на пораката радоста за одржување на собирот, иако на поинаков начин, Папата истакна дека нивната радост, сепак, не смее да ги заборави многуте браќа и сестри кои живеат во големи тешкотии, отежната од пандемијата. Вистинската радост што доаѓа од Господ секогаш му дава простор на гласот на заборавените, со цел да изградиме подобра иднина заедно со нив. Марија, во убавината на евангелското наследување и служење за општото добро на човештвото, секогаш воспитува да се слушнат овие гласови, и таа самата станува глас на оние без глас како би родила нов свет, во кој сите сме браќа, во која има простор за сите отфрлени во нашите општества – напомена Папата цитирајќи зборови од енцикликата ‘Fratelli tutti’.
Споменувајќи за повеќе од 60 години работа на Папската меѓународна маријанска академија, папата Фрањо истакна дека мариологијата е неопходна присутност во дијалогот меѓу културите, способна да поттикне братство и мир. Знаеме дека теологијата и културата на христијанското вдахновение беа на висина на нивното послание кога знаеја како верно да живеат на границите. Марија има свое посебно присуство на границите; таа е мајка на сите луѓе, без оглед на етничката или националната припадност. Така, ликот на Марија станува упориште за култура способна да ги надмине пречките што можат да создадат поделби. Затоа, на патот на оваа култура на братство, Духот нѐ поттикнува повторно да го прифатиме знакот на утеха и сигурна надеж, која има име, лицето и срцето на Марија, жена, ученичката, мајката и пријателката, рече Папата, истакнувајќи дека таинството што ја содржи Марија е самото таинство на Словото, воплотениот Бог.
Ватикан њуз/к.мк