Папата Фрањо во сабота вечер, на 1 февруари 2025 година, во базиликата Свети Петар ја предводеше Првата Вечерна на празникот Сретение Господово, што се совпаѓа со Светскиот ден на лицата со посветен живот. Тој го нагласи заветот на сиромаштво како израз на умереност и великодушност и предупреди на искривените форми на чувства кои можат да бидат причина за двосмислени „двојни животи“. Истакна и како „светлината“ на послушноста поттикнува слушање, сфаќајќи го богатството содржано во зборовите на соговорникот.
Предводејќи ја Првата Вечерна на празникот Сретение Господово, кој се совпаѓа со Светскиот ден на лицата со посветен живот, папата Фрањо размислуваше за обврските кои овој животен пат ги донесува, проширувајќи ги на обврските на сите верници. Размислуваше за трите завети кои го одбележуваат посветениот живот, преку кои лицата со посветен живот можат да бидат – како што рече – носители на светлината за жените и мажите на нашето време.
Првиот зрак светлина е заветот на сиромаштво, кој има свои корени во самиот живот Божји, вечниот и целосен меѓусебен дар на Отецот, Синот и Светиот Дух. Со практикување на сиромаштвото на тој начин, посветеното лице, преку слободното и дарежливо користење на сè, станува носител на благослов. Донесува светлина што ги гони сенките на себичноста, алчноста и зависноста и ни овозможува да ги истакнеме вредностите како што внимателност, дарежливост, споделување и солидарност.
Јасни односи, против „злото на изолацијата“
Втората светлина е онаа на чистотата, симбол на „апсолутниот примат на Божјата љубов“ кој станува извор и пример на секоја друга љубов.
Живееме во свет често обележан со искривени форми на чувствителност, во кој принципот „јас што сакам“ – тој принцип – нè поттикнува да бараме кај другите задоволување на нашите потреби, наместо радост од плодна средба.
Тоа е затворање што создава површност и непостојаност во односите, егоцентризам, хедонизам, незрелост и морална неодговорност. На човечките односи – според Папата – очајно им е потребна внатрешна јасност.
Затоа Светиот Отец им предлага на мажите и жените од 21. век модел на чистота како противотров на „злото на изолацијата“, пример на слободна и ослободителна љубов, на почитување на сопствениот и туѓиот простор. Колку е исцелително за душата да сретне монаси и монахињи способни за таков зрел и радосен однос! – нагласи Папата. Тоа е одлука која е симбол на љубов која се дарува, но сепак може да сокрие двосмислени и штетни појави. Кога чистотата станува извор на тага и незадоволство, постои опасност да станат робови на оваа кревкост и да се развијат вистински двојни животи – забележа Папата и додаде: – Борбата против искушението на двојниот живот е секојдневна.
„Реки од зборови и слики“ без воопшто да се сретнат
Третиот зрак светлина е заветот на послушност, прикажан и преку односот меѓу Исус и Отецот, израз на ослободувачка убавина на синовска, а не сервилна зависност, богата со чувство на одговорност и вдахновена од взаемна доверба. Тоа е однос на дарување и одговор, понеопходен од кога било во денешните простори, каде што тежнееме да зборуваме многу, а малку да слушаме, од семејството до работните средини, па дури и просторот на социјалните мрежи. Во секојдневниот разговор одговорите се преклопуваат, со што се губи смислата на дијалогот, „богатството“ содржано во зборовите на соговорникот.
Можеме да разменуваме реки од зборови и слики без воопшто да се сретнеме, затоа што никогаш не се залагаме еден за друг.
Злото на осаменоста може да се надмине токму преку конкретно слушање, во кое зборувањето и слушањето се придружени со конкретно дејствување. Дарувањро на самиот себ, дури и по цена на одрекување од сопствениот вкус или склоности, отвора можност за откривање на смислата на сопствениот живот во големиот Божји план – истакна Папата.
Автентично „враќање на изворите“
Желбата на Папата за посветениот живот е и надежта за враќање на изворите. Но, не враќање во минатото како враќање во музеј, не. Враќање на самиот почеток на нашите животи. Тоа е обнова која наместо да се развива во состаноци и тркалезни маси организирани околу некоја тема, својата суштина ја наоѓа во чинот на обожавање. Донекаде го изгубивме чувството за обожавање. Премногу сме практични, сакаме да правиме многу работи, а… обожавањето. Способноста да се поклонуваме, обожаваме, во тишина.
Ватикан њуз/к.мк