Во пресрет на 34. Светски ден на болните, кој ќе се одбележи на 11 февруари во светилиштето на Богородица на Мирот во Чиклајо – Перу, во сабота 7 февруари 2026 година беше објавено писмото на папата Лав XIV до неговиот специјален пратеник за оваа прослава, кардиналот Мајкл Черни. Во писмото Папата го открива духовната смисла на претстојната мисија во Перу.
Во своето послание Светиот Отец го повикува својот претставник да биде глас на Црквата, кој неуморно ја навестува Христовата љубов кон секој човек што страда.
Папата нагласува дека посетата на светилиштето на Богородица на Мирот во Чиклајо треба да биде знак на Божјата близина, која не го напушта човекот ни во најтешките моменти на искушение.
Лав XIV го моли кардиналот Черни да им пренесе на сите собрани во Перу дека болеста е тежина, а истовремено и време на посебна средба со Милосрдниот Отец. Папата сака неговиот пратеник да ги потсети верниците на силата на молитвата и на застапништвото на Богородица, која во Чиклајо се почитува како извор на мирот.
Светиот Отец посветува посебно внимание на улогата на лекарите и волонтерите, нарекувајќи ја нивната работа вистинска евангелска служба.
Во писмото тој го насочува кардиналот да ги охрабри оние кои секојдневно се вложуваат за грижа на болните, сведочејќи за вредноста на секој човечки животен пат.
Папата изразува желба прославата во Перу да биде миг на духовна обнова за сите учесници. Тој повикува да не се дозволи болеста да ја помрачи надежта за вечниот живот и радоста што Христос ја дарува преку Своето присуство во Евхаристијата.
На крајот од писмото, Лав XIV го упатува својот Апостолски благослов до специјалниот пратеник, до болните и до сите кои ќе присуствуваат на одбележувањето на Светскиот ден на болните.
Изборот на местото за чествувањето на овој ден има симболично значење. Токму бискупијата Чиклајо ја предводел самиот Лав XIV, пред да биде избран за наследник на Петровиот престол.
Овој светски црковен настан треба да биде своевидно враќање на духовните корени на сегашниот Папа и знак на неговата особена молитвена близина со неговото поранешно стадо.
Ватикан њуз/к.мк

