Во видеопорака по повод 7. Национален ден на младите во Еквадор, папата Лав XIV ги повика младите да го следат Христос, да дозволат радоста од средбата со Него да ги преобрази нивните животи и да ги поттикне и другите да Го бараат. Воедно, ги охрабри во примерот на Пресвета Богородица да најдат вдахновение за да го прифатат Божјиот план за својот живот.
„Средбата со Исус Христос го исполнува срцето со радост и ни дава сила да бидеме сведоци на Неговата љубов и Неговото милосрдие.“
Со овие зборови папата Лав XIV ги охрабри учесниците на 7. Национален ден на младите во Еквадор, кој овој викенд се одржува во Ибара, под мотото: „Бидете храбри, Јас го победив светот“ (Иван 16,33).
Одговорете на Неговиот повик
Во својата порака, Папата нагласи дека Христос им дава смисла на животите на младите.
„Ве охрабрувам“, рече тој, „да го послушате повикот Господов и решително да Го следите“.
Светиот Отец ги потсети младите дека тие се драгоцени за Црквата и дека нивното сведоштво има големо значење за нејзината мисија.
Со вашата радост привлечете ги другите кон Христос
„Црквата има потреба од вашата радост, вашата храброст и вашето сведоштво, за многу други да Го запознаат Христос“, рече Папата, додавајќи: „Дозволете Неговата љубов да ве преобрази“.
На крајот, папата Лав XIV ги повика младите да станат промотори на простувањето, помирувањето и мирот, а сите млади од Еквадор ги довери на Пресвета Богородица.
„Нека Марија“, се помоли Папата, „биде пример што ќе ве вдахнови да го живеете Евангелието и, како неа, да се посветите на Божјиот план за вашиот живот“.
Ватикан њуз/к.мк

