Папата Лав XIV: Потребен е итен прекин на огнот во Газа и целосно почитување на хуманитарното право

Папата Лав XIV: Потребен е итен прекин на огнот во Газа и целосно почитување на хуманитарното право

На крајот од Генералната аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, додека трае израелската воена опсада на градот Газа, Папата ја изрази својата близина со населението кое е принудено да ја напушти својата земја, живеејќи во страв и преживувајќи во неприфатливи услови. Тој потсети дека секој човек секогаш има неповредливо достоинство и повика на прекин на бомбардирањето, ослободување на заложниците и барање дипломатско решение. „Нека зори мирот и правдата,“ рече Римскиот епископ.

„Повторно апелирам за прекин на огнот, ослободување на заложниците, изнаоѓање дипломатско решение и целосно почитување на меѓународното хуманитарно право.“

Од плоштадот „Свети Петар“, гласот на Папата Лав XIV се издигна поради бомбардирањето на градот Газа што започна во вторник на полноќ. Среде она што израелските воени сили го нарекоа последна фаза од уништувањето на палестинската енклава со цел уништување на Хамас и ослободување на заложниците, со повеќе од 100 потврдени жртви, 140 оштетени згради и приближно 370.000 раселени цивили, Светиот Отец денес, 17 септември 2025 година, на крајот од Генералната аудиенција, упати апел за мир во земјата што страда.

„Изразувам најдлабоко сочувство до палестинскиот народ во Газа кој продолжува да живее во страв и да преживува во неприфатливи услови, принуден повторно да ја напушти својата земја.“

Зора на мирот и правдата

Наследникот на Петар потсети дека секој човек секогаш има неприкосновено достоинство кое мора да се почитува и заштитува, и затоа рече:

„Ве повикувам сите да се придружите на мојата усрдна молитва што поскоро да осамне зората на мирот и правдата.“

Застапништвото на Свети Станислав Костка за мир

Римскиот епископ се помоли за мир и во поздравот на полски јазик, се осврна на утрешното литургиско одбележување на Свети Станислав Костка, млад 18-годишен полски Исусовец, патрон на татковината и младите. Притоа, тој повика:

„Нека биде пример и вдахновение за новите генерации верници во барањето на Божјата волја и во храбро исполнување на нивниот повик. На неговото застапништво му ја доверувам Полска и мирот во светот.“

Благодарам за именденските честитките

Пред благословот, Папата Лав XIV, роден како Роберт Франциск Превост, им се заблагодари на сите што му ги упатија своите најдобри желби за неговиот именден, денес на денот кога Црквата со спомнува Свети Роберт Белармин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот