Папата Лав XIV именува 24 нови членови на Меѓународната теолошка комисија и ги обнови мандатите на уште шестмина членови од претходниот состав.
Меѓународната теолошка комисија го започнува мандатот 2026-2031 година со вкупно 30 членови, двајца повеќе од претходниот состав, со зголемена застапеност на теолози од Азија, Африка и Јужна Америка.
Меѓу шестемина членови на кои им е обновен мандатот е и монсињор Пјеро Кода, кој продолжува да ја извршува службата генерален секретар на Комисијата.
Комисијата му помага на Светиот Престол, особено на Дикастеријата за наука на верата, во проучувањето на важни и актуелни доктринарни прашања. Во неа членуваат теолози од различни земји, црковни средини и богословски школи.
Поголема застапеност на жените и лаиците
Во новиот состав бројот на жени е зголемен од пет на осум, од кои пет се лаици. Заедно со тројцата мажи лаици, Комисијата сега има осум членови лаици, двојно повеќе во споредба со претходниот мандат.
Европа е застапена со 13 членови, Азија и Африка со по четворица, Јужна Америка со петмина, Северна Америка со тројца, а Австралија со еден член.
Меѓу новоименуваните се монсињор Карло Дел’Осо, монсињор Лубомир Жак, отец Калед Емануел Анатолиос, отец Анхел Кордовиља Перес, отец Пол Бере, сестра Шу Чин Ху, како и повеќе професори и теолози од Европа, Азија, Африка и Америка.
Мандатот за уште пет години им е обновен на монсињор Пјеро Кода, отец Алберто Коци, отец Сајмон Френсис Гејн, професор Рајнхард Хутер, сестра Изабел Науман и сестра Жозе Нгалула.
Редовната пленарна седница на Комисијата е предвидена од 23 до 27 ноември.
Во служба на теологијата и Учителството на Црквата
Меѓународната теолошка комисија ја основал папата Павле VI во 1969 година во рамките на тогашната Конгрегација за наука на верата.
Нејзините членови се теолози истакнати по својата научна работа и верност кон Учителството на Црквата. Папата ги именува за период од пет години, по предлог на префектот на Дикастеријата за наука на верата и по консултации со епископските конференции.
Резултатите од работата на Комисијата му се доставуваат на Папата и ѝ служат на Дикастеријата во нејзината доктринарна работа.
Со новите именувања започнува единаесеттиот петгодишен мандат на Меѓународната теолошка комисија. Во текот на своето постоење таа има објавено 33 документи.
Ватикан њуз/к.мк

