Папата Лав XIV ги охрабри капуцинските клариси во Италија да се грижат за постојаната формација на сестрите и преку молитвата, тишината и гостопримството да го сведочат Евангелието во светот.
Папата Лав XIV во понеделник, 21 септмеви 2026 година, се сретна со делегација на Федерацијата на капуцинските клариси од Италија.
Размислувајќи за повикот на свети Павле до христијаните „да живеат достојно за повикот“ што го примиле, Папата ги охрабри сестрите верно да го живеат своето звање преку контемплативна молитва, сиромаштво и целосна верност кон Евангелието.
Тој ја поддржа нивната работа на ревизија на конституциите на Редот, кои ја потврдуваат должноста на монахињите да тежнеат кон „усрдно единство со Бога во молитвата“.
Цитирајќи го писмото на света Клара до света Агнес од Бохемија, Папата ги повика да го стават својот „ум пред огледалото на вечноста“, гледајќи подалеку од границите на своите манастири и од трагедиите на денешнината, кон иднината со надеж.
Помалку звања не значи затворање во себе
Намалувањето на бројот на духовни звања, предупреди Папата, може да доведе некои монашки заедници да се затворат во себе. Но токму ваквите предизвици можат да ѝ понудат на Црквата можност повторно да го открие „квалитетот на она што го нуди“.
Помалиот број сестри во заедниците, рече тој, „треба да поттикне обновување на вашиот начин на живот и уште поголема посветеност на духовното придружување на оние што чукаат на вратите на манастирите“.
Целта е да растат радосни и живи заедници во кои луѓето ќе можат да ја искусат близината со Бога, добрината, заедништвото и автентичните човечки односи.
Бог, продолжи Папата, не бара од нас да бидеме беспрекорни, туку со понизност да се отвориме за Неговата благодат.
„Звањата не се раѓаат од организациски стратегии или од внимателно осмислени кампањи“, рече тој, „туку од молитвата, познавањето на Евангелието, тишината, способноста да се прифаќаме едни со други со нашите несовршености и од чувството дека припаѓаме на една целина што создава единство“.
Формација за контемплативен живот
Папата Лав XIV потоа се осврна на почетната и постојаната формација на сестрите, нагласувајќи дека и контемплативниот живот е длабоко вкоренет во мисијата на Црквата.
„Формирајте се себеси и другите за живот во клаузура, живеен во дух на длабоко заедништво меѓу вас и со Црквата; за тишина која, во општество во кое владеат брзањето и вревата, повторно ја буди потребата од време и простор во кои човек може да застане и да расудува, без страв дека ќе го пропушти минливиот миг“, рече Папата.
Како сестри на света Клара, кларисите се повикани да го живеат Евангелието оставајќи го светот зад себе и „целосно и постојано свртувајќи се кон првата и единствена Љубов на својот живот“.
„Тоа подразбира умереност, одвоеност од материјалните добра, предавање на себеси во послушност и отвореност, во живот кој е едноставен, но истовремено радикален и предизвикувачки“, рече Папата.
Таквиот живот, додаде тој, претставува скапоцен знак на верност во глобализиран и немирен свет кој сè повеќе ја губи желбата и способноста „да пушти корени“.
„Светилници и стражари за Црквата и светот“
На крајот, папата Лав XIV ги повика капуцинските клариси да го прифатат повикот на свети Фрањо и да бидат „светилници и стражари за Црквата и за светот“.
Контемплативните сестри, рече тој, можат да му понудат одговор на современиот човек кој се соочува со криза на смислата преку заемно слушање, коинонија, односно заедништво што ја надминува изолацијата, дијаконија, односно служење и заедничка работа, и мартирија, сведочење за Евангелието.
Ватикан њуз/к.мк

