Папата Лав XIV за Шестиот Светски ден на дедовците, бабите и старите лица повика да не бидат заборавени
Светскиот ден на дедовците, бабите и старите лица, кој папата Фрањо го востанови во 2021 година со цел да се истакне нивната вредност во општеството, оваа година ќе се одбележи во недела, на 26 јули, на празникот на светите Јоаким и Ана, тема: „Јас тебе нема да те заборавам“ (Исаија 49,15). Светиот Отец повикува по тој повод во секоја бискупска катедрала да се служи света Литургија. Дикастеријата за лаици, семејство и живот ќе обезбеди пасторални материјали за одбележувањето на овој ден.
„Јас тебе нема да те заборавам“ (Исаија 49,15) е темата на Шестиот Светски ден на дедовците, бабите и старите лица, кој ќе се одржи во недела, на 26 јули, на денот кога Црквата го слави празникот на светите Јоаким и Ана, дедото и бабата на Исус.
Божјата љубов и љубовта во семејството
Мотото што го избра папата Лав XIV упатува на стих од пророкот Исаија и потсетува дека Божјата љубов е насочена кон секоја личност и никогаш не престанува, дури ни во кревкоста што ја носи староста. Во исто време, ги поттикнува семејствата и црковните заедници да не ги забораваат бабите, дедовците и старите лица, туку во нив да препознаат драгоцено присуство и благослов.
Дикастеријата за лаици, семејство и живот ги охрабрува партикуларните Цркви, здруженијата и црковните заедници ширум светот да пронајдат начини како, во својот локален контекст, да го промовираат одбележувањето на овој Светски ден, а истовремено ќе стави на располагање соодветни пасторални материјали, се наведува во соопштението на истата Дикастерија.
Света Литургија во секоја бискупска катедрала
Римскиот бискуп исто така повикува Светскиот ден на дедовците, бабите и старите лица да се одбележи со евхаристиско славење во катедралата на секоја бискупија. Минатата година, по повод одбележувањето на овој ден, кој се одржа на 27 јули, Светиот Отец ги поттикна секоја парохија, секое здружение и секоја црковна заедница да станат протагонисти на една „револуција“ на благодарност и грижа, револуција што треба да се остварува преку чести посети на старите лица кои, за жал, во нашето општество премногу често се маргинализирани и заборавени.
Целта на одбележувањето на Светскиот ден на дедовците, бабите и старите лица, кој папата Фрањо го востанови во 2021 година и кој оттогаш се слави секоја година во четвртата недела од јули, е да им се овозможи на старите лица да ја почувствуваат близината на Црквата и да се истакне придонесот и вредноста што тие ја имаат за семејствата и заедниците.
Ватикан њуз/к.мк

