Папата Лав XIV до Црквата во Либан: Меѓу урнатините на светот, вие отворате патишта за обнова
На вториот ден од престојот во земјата на кедрите, Папата го посети богородичното светилиште во Хариса, каде што се сретна со епископи, свештенство и посветени лица, кои разговараа за солидарноста, војната, миграцијата и пасторалната грижа во затворите.
Зборовите на светиот папа Иван Павле II, кои тој ги упати во порака до Либанците во 1984 година, доверувајќи им ја мисијата да бидат одговорни за надежта, не беа залудни, бидејќи заедништвото и љубовта продолжуваат да се градат тука. Папата Лав XIV го кажа ова во говор одржан на француски јазик пред повеќе од 4.000 собрани епископи, свештеници, осветени лица и пасторални работници. Средбата се одржа во понеделник, 1 декември 2025 година, во Светилиштето на Пресвета Богородица Либанска во општината Хариса, кое – сместено на планината со исто име – е најважното богородично светилиште на Блискиот Исток, изградено во 1904 година, по повод 50-годишнината од прогласувањето на догмата за Безгрешното зачнување на Пресвета Богородица, од страна на папата Пиј IX.
Поздрав од Патријархот на Киликиј на Ерменската католичка црква
Средбата започна со поздрав од Патријархот Киликиј на Ерменската католичка црква, кој ја опиша посетата на Папата како жив пламен на молитва и надеж што го осветлува секој агол на земјата, како и народот кој во последните години поминал низ искушенија што длабоко ги потресле нивните тела и души. Тој се помоли за мир, правда и обнова на драгиот Либан, кој, како домаќин на осумнаесет различни вери, станува конкретен симбол за тоа како верата може да стане мост преку раните на светот. Тој заврши со благодарност до Светиот Отец за неговото присуство, кое ги потсети дека не се сами, бидејќи Бог и Црквата се со нив.
Автентични носители на надеж
На вториот ден од престојот во земјата на кедрите за време на неговото прво апостолско патување, Светиот Отец се осврна на четири сведоштва прочитани за време на средбата како доказ дека пророчките зборови на папата Војтила станале тело, живот, грижа и љубов во либанското општество. Тој ги поврза овие сведоштва со прочитаниот евангелски пасус во кој Марија стои во подножјето на Исусовиот крст:
Стоејќи со Марија во подножјето на Исусовиот крст, нашата молитва, невидливиот мост што ги поврзува срцата, ни дава сила да продолжиме да се надеваме и да дејствуваме, дури и кога бучавата од оружјето одекнува околу нас и кога самите барања на секојдневниот живот стануваат предизвик.
Цитирајќи го папата Фрањо, Римскиот епископ рече дека токму оваа близина до крстот Исусов е вера, која, како сидро, ги држи нашите животи закотвени во небото. Да се биде закотвен во небото е единствениот начин да се изгради мир, истакна тој, додавајќи:
Од овие корени, силни и длабоки како кедри, расте љубовта, а со Божја помош, произлегуваат конкретни и трајни дела на солидарност.
Сириски парички во милостина на света Литургија во либанско село
Папата се осврна на добротворното дело што го извршува еден свештеник кој работи во селото Дебабије на северот од земјата, на границата со Сирија, каде што живеат заедно сунитски муслимани, православни христијани и маронити. Тој на француски јазик ги опиша тешкотиите на тамошната заедница, која е жртва на бомбардирање од соседна Сирија, каде што беснее граѓанска војна. Римскиот епископ нагласи:
Таму, и покрај големите потреби и под закана од бомбардирање, христијаните и муслиманите, Либанците и бегалците од соседството, живеат во мир и си помагаат едни на други.
Петровиот наследник се осврна и на единството што се гледа во сликата на сириските и либанските парички ставени заедно во корпата за колекта. Овој чин нè потсетува дека во делата на милосрдие секој од нас има нешто да даде и да прими, и дека нашето меѓусебно давање нè збогатува и нè доближува до Бога, нагласи Папата.
Светиот Отец го коментираше и проблемот со миграцијата на младите луѓе кои својата иднина ја гледаат само во бегството од земјата и потсети на одговорноста што сите ја имаме кон нив:
Важно е да се поттикне нивното присуство, дури и во црковните структури, преку вреднување на нивните нови идеи и давање простор. Исто така е потребно, и покрај урнатините на светот кој ги носи своите болни неуспеси, да им се понудат конкретни и изводливи перспективи за обнова и раст за иднината.
Да се остане од љубов и покрај бомбите и насилството
Сепак, оние кои не можат да избегаат дури ни од заканите за бомбардирање и бараат безбедност и мир, наоѓаат носители на надеж токму во монахињите кои остануваат покрај нив и покрај тоа што се опкружени со вооружени војници. Тие отворија импровизиран камп за бегалци и образовен центар за да продолжат да ги придружуваат учениците бегалци. Светиот Отец ја нагласи важноста на одржувањето на училиштата отворени дури и во услови на зголемено на насилство, бидејќи таму учиме да сакаме среде омраза, да служиме среде замор и да веруваме во поинаква иднина над сите очекувања. Затоа додаде:
Црквата во Либан отсекогаш придавала големо значење на образованието. Ве охрабрувам да продолжите со оваа благородна работа, нудејќи помош особено на оние во неволја и без ресурси, на оние во кризни ситуации, донесувајќи одлуки водени од великодушна љубов, така што формирањето на умот секогаш оди рака под рака со образованието на срцето.
Ужасот на војната
Римскиот епископ се осврна и на сведоштвото на еден пар кој избегал од војна, нагласувајќи дека болката предизвикана од војните нè засега сите нас и поттикнува размислување и дејствување. Тој рече дека мора да се стремиме да осигуриме дека никој не е принуден да ја напушти својата земја поради бесмислени и немилосрдни конфликти и дека оние кои чукаат на вратите на нашите заедници никогаш повеќе нема да се чувствуваат отфрлени.
Да се носи Христос во затворите
За време на средбата, учесниците го слушнаа и сведоштвото на еден затворски капелан кој – како што рече – секојдневно се среќава со Христос во лицето на затворениците кои се заборавени од општеството, но кои Бог никогаш не престанал да ги сака. Служиме света Литургија, слушаме исповеди, го прекршуваме лебот и Словото, ги придружуваме затворениците на сите нивоа. Таму, во тишина, радоста од сознанието дека се сакани често обновува, дури и во рамките на ѕидовите – нагласи капеланот.
„Места како ова, каде што светот гледа само ѕидови и злосторства, ни нудат можност да се сретнеме со Божјиот поглед. Во очите на затворениците ја гледаме нежноста на Отецот кој никогаш не се заморува да простува“, коментираше Папата во својата проповед, додавајќи:
Токму така, го гледаме лицето Исусово исцртано на лицата на оние што страдаат и на оние што се грижат за раните што ги нанел животот.
Златна роза
Папата Лав XIV на крајот го објасни значењето на дарот златна роза, подарок што Папите традиционално го носат на Богородица во светилиштето во Хариса како знак на побожност кон Пресвета Богородица, а кој го положи во подножјето на статуата посветена на Црната Дама од Либан:
Тоа е древен чин кој, меѓу своите значења, нè поканува да бидеме мирис на Христос со нашите животи. Не е скап производ резервиран за малкумина кои можат да си го дозволат, туку мирис кој се шири од дарежлива маса на која има многу различни јадења и од која секој може да земе.
Ватикан њуз/к.мк

