Папата Лав XIV до младите: Бидете знак на надеж и мир за целиот свет

Папата Лав XIV до младите: Бидете знак на надеж и мир за целиот свет

Во видео-пораката по повод свеченоста што ја организираше надбискупијата Чикаго на бејзбол-стадионoт „White Sox“ во чест на папата Лав XIV, Светиоп Отец ги повикува младите во моменти на загриженост, осаменост и депресија да ѝ се обратат на Божјата љубов, која „навистина има сила да исцели“. Грижите, вели Папата, така можат да се претворат во благодарност за делото што Бог го врши во нашиот живот.

Како ѕвезди на небото, така папата Лав XIV ги опишува младите, во кои светот гледа, додека самите тие се преиспитуваат, се осврнуваат околу себе во моменти на немир и изолација. Тоа е средиштето на видео-пораката на англиски јазик, што Светиот Отец ја упати по повод настанот кој надбискупијата Чикаго – неговиот роден град – го организираше на 14 јуни, во чест на неговиот избор за наследник на апостол Петар. Настанот, во форма на молитва и музика, се одржа на стадионот „Guaranteed Rate Field“, домот на бејзбол клубот „Chicago White Sox“ – тим за кој навива Папата и чија капа ја носеше за време на Геенралната аудиенција во среда, 11 јуни.

Пресвета Троица – образец на Божјата љубов

Во пораката, Папата започнува од Пресветата Троица. Таа е образец на Божјата љубов кон нас – вели тој.

Трите Лица на Еден Бог живеат соединети во длабока љубов, заедништво, споделувајќи го тоа заедништво со сите нас.

Светиот Отец затоа ги поттикнува младите да се вдахноват од таа димензија во секојдневниот живот.

Меѓу изолација и немир: „Бог ве бара“

Папата ги препознава раните што младите ги носат во своето срце, особено по искуството на пандемијата: изолација, нестабилност во семејствата, глобална несигурност. Тоа се ситуации кои можат да нè оддалечат од патот на верата, но не и од Божјото присуство.

На многу различни начини, Бог ве бара, ве повикува, ве поттикнува да го запознаете Неговиот Син Исус Христос – преку Светото Писмо, можеби преку некој пријател или роднина…, дедо или баба – луѓе на верата. Да откриете колку е важно секој од нас да обрне внимание на Божјото присуство во сопственото срце, на таа длабока желба за љубов во нашиот живот, за да бараме – навистина да бараме – и да најдеме начини преку кои ќе го посветиме нашиот живот во служба на другите.

Во пријателството се крие „вистинската смисла на животот“

Папата Лав XIV не ги занемарува моментите на немир, осаменост, депресија или тага, кои се дел од животот. Но токму тие внатрешни состојби можат да се надминат со отворање кон другите, преку живот во служење, преку повторно откривање на „вистинската смисла на животот“ во пријателството и заедништвото.

Да се открие дека Божјата љубов навистина има моќ да исцели, дека носи надеж – и пронаоѓајќи се да се откриеме повторно како пријатели, како браќа и сестри, во заедништво, во парохијата, во искуството на заеднички живот во верата – можеме да ја искусиме милоста Господова, љубовта Божја, која може да нè исцели, да ни даде сила, да биде извор на онаа надеж која му е потребна на секој човек. Да ја споделуваме оваа порака на надеж едни со други – да бидеме чувствителни, да служиме, да бараме начини како да го направиме светот подобро место – тоа ни дава вистински живот на секој од нас и е знак на надеж за целиот свет.

„Ве сакаме со нас“

Додека младите погледнуваат околу себе барајќи го своето место во светот, одекнува повикот: „Ве сакаме со нас“, за да го извршиме посланието кое ги надминува границите на Црквата и се однесува на целото општество: да ја навестиме вистинската порака на надеж и да го унапредуваме мирот и слогата меѓу народите.

„На вас, младите собрани овде, уште еднаш сакам да ви порачам: вие сте ветување на надеж за многумина од нас.“

Светилници на надежта

Против секоја форма на себичност и затвореност, папата Лав XIV ги поттикнува младите да бараат патишта на единство за да ја шират пораката на надеж. Одговорот, како и многупати досега, го наоѓа во делата на свети Августин: „Ако сакаме светот да биде подобро место, мораме да почнеме од себе, од својот живот, од своето срце“. На тој начин, секој од нас може да стане „светилник на надежта“ за другите.

Тоа светло што можеби не е лесно да се види на хоризонтот; но како што растеме во нашето заедништво, правејќи единство, откриваме дека тоа светло станува сè посилно. Тоа светло всушност е нашата вера во Исус Христос. И ние можеме да бидеме таа порака на надеж, промовирајќи мир и единство низ целиот свет.

Не гасете го немирот и не станувајте рамнодушни

Светиот Отец го препознава немирот кој престојува во срцето на современиот човек – „немир што не мирува“.

Тој немир не е нешто негативно и не треба да бараме начини да ја угасиме таа внатрешна огнена искра, ниту да се обидуваме да ги отстраниме или да станеме рамнодушни кон тензиите што ги чувствуваме, кон тешкотиите што ги доживуваме. Напротив, треба да се поврземе со сопственото срце и да препознаеме дека Бог може да делува во нашиот живот, преку нашиот живот, и преку нас да допре до другите.

Колку надеж има во светот

На средба, на која доаѓаат луѓе да ја прослават својата вера, Папата препознава колку надеж има во светот – истата онаа надеж која, според свети Павле, „не посрамува“.

Во оваа Јубилејна година на надежта, Христос – Кој е нашата надеж – навистина нè повикува сите да се обединиме, за да бидеме жив сведок: светлина на надежта во денешниот свет.

Застанете за миг

Во светот кој брза, папата Лав XIV повикува да застанеме, барем за миг, за да го отвориме своето срце за Бог, за Божјата љубов, за оној мир што само Господ може да го даде.

Да почувствуваме колку е убава, колку е силна и значајна Божјата љубов во нашиот живот. И да препознаеме дека, иако не правиме ништо за да ја заслужиме Божјата љубов, Бог – во Својата великодушност – постојано ја излева врз нас. И додека ни ја дава Својата љубов, од нас бара само едно: да бидеме великодушни и да го споделиме со другите она што Тој ни го дава.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот