Папата Лав XIV во Гран Канарија: „Човечкото достоинство нема пасош“

Папата Лав XIV во Гран Канарија: „Човечкото достоинство нема пасош“

На средбата со мигрантите и со организациите што ги спасуваат и придружуваат во Гран Канарија, папата Лав XIV го повика светот да не остане рамнодушен пред нивното страдање. Тој побара легални и безбедни миграциски патишта, ја осуди трговијата со луѓе и експлоатацијата, и нагласи дека „човечкото достоинство нема пасош и не ја губи својата вредност при преминување граница“.

Стоејќи на пристаништето Аргинегин, на јужниот брег на Гран Канарија, кое стана еден од најтрогателните симболи на миграцијата во Европа, папата Лав XIV во четврток, 11 јуни 2026 година, упати силен апел за сочувство, одговорност и солидарност.

„Човечкото достоинство нема пасош и не ја губи својата вредност при преминување граница“, порача Папата.

На шестиот ден од своето апостолско патување во Шпанија, Папата се сретна со мигранти и со претставници на организациите што ги спасуваат, прифаќаат и придружуваат по еден од најопасните миграциски патишта во светот.

Средбата се одржа во таканареченото „Пристаниште на срамот“, каде што во 2020 година, за време на пандемијата на Ковид-19, за само неколку дена пристигнаа илјадници мигранти. За многумина што бегаат од сиромаштија, конфликти и експлоатација во Западна Африка, Канарските Острови претставуваат најблиска порта кон Европа, по опасното патување преку Атлантикот во преполни дрвени чамци.

Со поглед кон пристаништето и Атлантскиот Океан, папата Лав ги слушна сведоштвата на поморски спасувач, волонтерка на „Каритас“, жена преживеана од трговија со луѓе и мигрантка претприемачка, која успеала повторно да го изгради својот живот по години тешкотии.

„Евангелието станува конкретно“

Размислувајќи за евангелскиот пасус од Матеј 25, Папата рече дека Божјото Слово добива конкретно лице токму на места како Аргинегин, каде што луѓето пристигнуваат „лишени од речиси сè, но никогаш од своето достоинство“.

„Тука Евангелието нè извлекува од удобната положба на набљудувачи и нè става пред брат или сестра што пристигнале“, рече Папата. „Нè прашува дали сме Го препознале Христос во оние што слегуваат на брегот, обележани од страв, глад и насилство, откако ги преживеале пустината, ноќта и морето.“

Потсетувајќи на симболиката на Рибарскиот прстен што го носи како наследник на Петар, папата Лав размислуваше за Христовиот повик до Петар да стане „рибар на луѓе“.

„Тука луѓето се спасуваат од морето, а од водите се извлекуваат и тела на оние што не преживеале“, рече тој. „Затоа наследникот на Петар не може да ги игнорира овие пристаништа. Црквата не може да ги игнорира овие води.“

Морето и неговите „чудовишта“

Црпејќи од библиските слики, Папата го опиша морето како место каде што опасноста и хаосот се испреплетуваат со надежта.

„И денес во овие мориња се кријат чудовишта“, предупреди тој, мислејќи на „мафиите што профитираат од очајот, трговците со луѓе што поробуваат жени и деца, и оние чија рамнодушност дозволува сиромашните да бидат проголтани од експлоатација или заборав“.

Сепак, Папата нагласи дека верата не смее да биде парализирана од страв.

„Ако Христос му заповеда на морето да се смири, Црквата не може да молчи за оние што се оставени на неговите води“, рече папата Лав.

Лица, а не статистика

Еден од најсилните моменти на средбата беше сведоштвото на Тито Виљармеа, капетан во поморската спасувачка служба, кој помогнал во спасувањето на повеќе од 20.000 луѓе на море.

Тој се присети на една спасувачка операција во која учествувала жена што патувала со дете, кое на прв поглед изгледало како нејзин син тинејџер. Кога безбедно се качиле на спасувачкиот брод, жената му ја соблекла капата и јакната на детето и му ставила златни обетки во ушите.

„Беше девојче“, рече тој, сеќавајќи се како и двајцата заплакале.

Папата им се заблагодари на сите што ги споделија своите сведоштва и ја пофали работата на спасувачите, волонтерите на „Каритас“ и парохиските заедници. Нивното сведоштво, рече тој, покажува дека мигрантот престанува да биде „уште еден“, само категорија или статистика.

„Само тогаш можеме да разбереме дека тоа девојче може да биде наша ќерка и дека тие лица можат да бидат дел од нашето семејство“, рече Папата.

Тој го истакна и сведоштвото на Марија Рејес Алеман Круз, која ги координирала парохиските активности за време на миграциската вонредна состојба и зборуваше за тоа дека придружувањето на другите често започнува со едноставни гестови: пар чевли, палто, шолја кафе или едноставно присуство.

„Милосрдието започнува со мали гестови“, рече Папата. „Целта не е да се реши сè, туку сè да се стави во Божјите раце и да се биде присутен таму каде што луѓето страдаат.“

Порака до жртвите на трговија со луѓе

Посебно трогателно беше сведоштвото на Блесинг, жена од Нигерија, преживеана жртва на трговија со луѓе и експлоатација. Поради безбедносни причини, нејзиното сведоштво беше прочитано во нејзино име.

Таа опиша како ја напуштила својата татковина бидејќи сиромаштијата не ѝ оставила друга можност, како минала низ принуда, како го преминала морето во ужасни услови и како потоа била искористувана.

Обраќајќи ѝ се директно, папата Лав ѝ упати зборови на утеха и достоинство.

„Ако другите ставиле цена на твоето тело, знај дека Бог никогаш не престанал да ја признава твојата непроценлива вредност“, рече Папата.

„Ако другите се однесувале кон тебе како кон предмет, Црквата денес сака да ти каже дека си ќерка и сестра; ти си благослов.“

Папата ги увери жртвите на трговија со луѓе дека нивното достоинство останува недопрено и покрај насилството што го претрпеле.

„Твојот живот му припаѓа на Бога, Кој ти дал достоинство што никој не може да ти го одземе“, порача папата Лав.

Апел до Европа и светот

Потврдувајќи дека се поклонува пред достоинството на секој мигрант, папата Лав им се обрати директно на присутните мигранти.

„Вие не сте само броеви или досиеја. Вие сте луѓе што зад себе оставиле семејства и домови. Имате соништа што никој нема право да ги презира“, рече тој.

Истовремено, Папата предупреди на трговците со луѓе и криминалните мрежи што го искористуваат очајот, нарекувајќи ги нивните лажни ветувања „сиренски песни“ и „индустрии на смртта“.

Проширувајќи го својот апел до владите и меѓународните институции, тој нагласи дека одговорноста мора да биде заедничка. Трагедијата на миграцијата, рече Папата, ги повикува земјите на потекло да создаваат услови за мир, правда и развој; транзитните земји да ги заштитат ранливите од криминални мрежи; а Европа да не се навикне на тоа Медитеранот и Атлантикот да стануваат необележани гробови.

„Не е доволно само да се управува со пристигнувањата, да се распределуваат статистики, да се зајакнуваат границите или да се жали за смртните случаи откако ќе се случат“, рече Папата.

„Секој брод што пристигнува носи со себе прашање“, истакна папата Лав: „Каков свет сме изградиле, ако толку многу браќа и сестри мора да ризикуваат смрт за да бараат живот?“

Правото да не се мигрира

Папата Лав нагласи дека миграциската политика мора да се темели на почитување на човечкото достоинство. Тој повика на легални и безбедни патишта, ефикасна заштита на жртвите на трговија со луѓе, меѓународна соработка против шверцерите и вистински процеси на прифаќање и интеграција.

Потврдувајќи го правото на барање засолниште, Папата зборуваше и за едно друго, често занемарено право: правото човек да не биде принуден да ја напушти својата татковина.

„Постои и право да не се мигрира“, рече тој, односно право да се остане во сопствената земја, ослободен од глад, војна, прогон, корупција и уништување на животната средина.

„Што останува од нашата човечност?“

Средбата заврши со положување цвеќе и минута молчење во спомен на оние што загинале обидувајќи се да го преминат морето. Потоа Папата благослови крст изработен од дрво од мигрантски брод во блискиот храм на Богородица од планината Кармел, заштитничка на морнарите.

Пред да замине, тој ги поздрави волонтерите и мигрантите собрани покрај брегот, додека неговото предупредување одекнуваше низ пристаништето и пошироко:

„Денес, овде покрај морето, секој човек што пристигнува нè прашува што останува од нашата човечност. Порано или подоцна ќе се знае дали сме го заштитиле животот или сме се предале на рамнодушноста.“

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот