Папата: Искуството на болеста не учи да ја живееме човечката и христијанската солидарност

Папата: Искуството на болеста не учи да ја живееме човечката и христијанската солидарност

Папата Фрањо се осврна на значењето на страдањето во обраќањето до членовите на Папската библиска комисија во четврток, 20 април 2023 година, велејќи дека Библијата дава одговор на прашањето за болеста и страдањето што не е ниту утописки, ниту фаталистички.

Соочени со страдањата и болката, човечките суштества можат или да се повлечат во себе „до точка на очај или бунт“, или да го дочекаат „како можност за раст и да увидат што навистина е важно во животот за средбата со Бога“.

Последново, рече во четврток 20 април 2023 година папата Фрањо, е „визијата на верата што ја наоѓаме во Светото Писмо“.

Своите размислувања Светиот Отец ги искажа при обраќањето пред членовите на Папската библиска комисија, која на крајот од годишното пленарно собрание, годинава ја проучува темата: „Болест и страдање во Библијата“.

Исусовите оздравувања се знак на Божјата близина

Папата истакна дека во Стариот Завет оние кои страдаат постојано се обраќаат кон Бога во својата неволја, додека во Новиот Завет постапките на Исус се обележани со голема грижа за болните и оние кои страдаат, откривајќи ја Божјата „љубов, простување и милост и неговата постојана потрага за грешниот, загубениот и ранетиот човек“.

Многуте чудесни исцеленија што ги изврши Исус се знак дека „Бог го посети својот народ и дека Царството Небесно се приближи“, рече папата Фрањо, објаснувајќи дека Исусовото поистоветување со слабите кулминира со Неговото страдање и смрт, „така што Христовиот крст станува најистакнат знак на Божјата солидарност со нас и во исто време можност да му се придружиме во делото на спасението“.

Страдање кое не е ниту утописко, ниту фатално ѓ

Светиот Отец рече дека библискиот поглед на страдањето не е ниту „утописки“ ниту „фаталистички“. Наместо тоа, „библискиот човек се чувствува повикан да се соочи со универзалната состојба на болка како место за средба со Божјата близина и сочувството, со добриот Отец, кој со бескрајна милост се грижи за своите ранети созданија за да ги исцели, да ги подигне и спаси”.

Во Христа, продолжи Римскиот епископ, „дури и страдањата се претвораат во љубов“, со надеж за конечно воскресение и спасение.

Човечка и христијанска солидарност

На крајот, рече папата Фрањо, страдањето не учи да ја живееме човечката и христијанската солидарност според Божјиот „стил“: близина, сочувство и нежност. Спомнувајќи ја параболата за добриот Самарјанин, тој ги потсети присутните членови на Комисијата дека грижата за другите во нивната болка не е „необврзувачки избор“ за човечките суштества, туку „неопходен услов“ – не само за нивниот раст како поединци, туку исто така и за „градење на инклузивно општество кое вистински е ориентирано кон општото добро“.

Папата го заврши своето обраќање со лична благодарност и охрабрување до членовите на Папската библиска комисија за нивната работа, потсетувајќи ги дека нивната работа ќе продолжи да расте „колку повеќе знаат како лично да ја прифатат тајната на воплотувањето во својот живот на вера“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот