Папата Лав XIV: Бог не ги слуша молитвите на оние што водат војни и чии раце се облеани со крв

Папата Лав XIV: Бог не ги слуша молитвите на оние што водат војни и чии раце се облеани со крв

Во својата проповед на Неделата на Господовото страдање, на плоштадот „Свети Петар“, Папата ја истакна Исусовата благост, која стои спроти суровоста и насилството на луѓето, нагласувајќи дека Тој не се вооружил ниту се бранел. Нашиот Бог е Исус, Царот на мирот, додаде тој, Бог кој ја отфрла војната и Кого никој не може да го злоупотребува за да ја оправдува војната. Во Христовите рани се наоѓаат раните на многу жени и мажи од денешницата.

Во својата проповед на светата Литургија во недела 29 март 2026 година, на Неделата на Господовото страдање, ја предводеше пред десетина илјади верници собрани на плоштадот „Свети Петар“, Светиот Отец потсети дека, одејќи по Исус кој го носи крстот, ја контемлираме и Неговата мака за човештвото, како и животот што станува дар на љубов. Притоа истакна:

Го гледаме Исус, кој се открива како Цар на мирот, додека околу Него се подготвува војна. Го гледаме Него, кој останува постојан во благоста, додека другите се вознемируваат за насилството. Го гледаме Него, кој Себеси се нуди како нежен допир за човештвото, додека другите земаат мечеви и стапови. Го гледаме Него, кој е светлина на светот, додека темнината се подготвува да ја покрие земјата. Го гледаме Него, кој дојде да донесе живот, додека се спроведува планот да биде осуден на смрт. Како Цар на мирот, Исус сака да го помири светот во прегратката на Отецот и да го сруши секој ѕид што нè разделува од Бога и од ближниот, зашто „Тој е нашиот мир“.

Римскиот бискуп потсети дека, како Цар на мирот, Исус влегува во Ерусалим јавајќи на магаре, а не на коњ, исполнувајќи го старото пророштво што повикува на радост поради доаѓањето на Месијата. Кога, пак, еден од Неговите ученици вади нож за да Го одбрани и при тоа го удира слугата на првосвештеникот, Исус веднаш го запира, велејќи: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“. Притоа додаде:

Како Цар на мирот, додека ги носеше нашите страдања и беше прободен заради нашите гревови, „не ја отвори устата; како јагне на колење беше одведен, како овца нема пред оние што ја стрижат“. Тој не се вооружи, не се бранеше, не водеше никаква војна. Го откри благото лице на Бога, Кој секогаш го отфрла насилството и, наместо да се спаси Себеси, дозволи да биде прикован на крстот, за да ги прегрне сите крстови подигнати во секое време и на секое место во историјата на човештвото. Браќа и сестри, тоа е нашиот Бог: Исус, Царот на мирот. Бог Кој ја отфрла војната, Кого никој не може да го користи за оправдување на војна, Кој не ја слуша молитвата на оној што води војна и ја оттурнува, велејќи: „И кога би изговарале многу молитви, нема да ве слушам: рацете ви се полни со крв“.

Гледајќи во Него, кој за нас е распнат, го гледаме распнатото човештво. Во Неговите рани ги гледаме раните на толку многу жени и мажи од денешницата, истакна папата Лав XIV, па продолжи:

Во Неговиот последен повик упатен до Отецот го слушаме плачот на оние што се скршени, без надеж, болни и осамени. Особено го слушаме лелекот на болката на сите што се угнетени од насилство и на сите жртви на војната. Христос, Царот на мирот, и денес од крстот вика: Бог е љубов! Смилувајте се! Положете го оружјето, сетете се дека сте браќа!

Светиот Отец ја заврши проповедта со зборовите на слугата Божји, бискупот Тонино Бело, и со неговиот повик кон Пресвета Дева Марија: „Света Маријо, жено на третиот ден, дарувај ни сигурност дека, и покрај сè, смртта повеќе нема да има власт над нас, декана  неправдите на народите им се изброени деновите, дека страдањата на сиромашните стигнале до своите последни воздишки. И дека, конечно, солзите на сите жртви на насилството и болката наскоро ќе бидат избришани, како роса на пролетното сонце.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот