Папата Лав: Признавањето на Палестина помага, но дијалогот е прекинат

Папата Лав: Признавањето на Палестина помага, но дијалогот е прекинат

Одговарајќи на прашањата на новинарите додека се подготвуваше да го напушти Кастел Гандолфо за Ватикан во вторник навечер, папата Лав XIV изјави: „Ако Европа беше навистина обединета, верувам дека можеше да направи многу“.

Папата Лав XIV се врати во Ватикан во вторник навечер, по еден ден поминат во Кастел Гандолфо.

Пред заминувањето, накратко одговори на новинарските прашања за ситуацијата на Блискиот Исток.

„Светиот Престол го поддржува решението за две држави веќе со години“, потсети тој. Спомена и дека истиот ден стапил во контакт со католичката парохија во Газа.

На прашањето за признавањето на Палестина како држава, Светиот Отец потврди: „ Светиот Престол го призна решението за две држави уште пред извесно време. Тоа е јасно: мора да се бара пат кој ги почитува сите народи“.

Во врска со тоа признание додаде: „Може да помогне, но во овој момент нема вистинска подготвеност за слушање од другата страна; дијалогот е прекинат“.

За состојбата во Газа објасни: „Фала му на Бога, парохијата е добро, иако нападите се сè поблиску… Денес попладне стапив во контакт со нив“.

Новинарите прашаа и за руските напади: „Некои бараат ескалација. Ситуацијата станува сè поопасна. Продолжувам да инсистирам на потребата да се положи оружјето, да се запре воениот напредок и да се врати на преговарачката маса“.

Во тој контекст нагласи: „Ако Европа беше навистина обединета, верувам дека можеше да направи многу“.

Кога беше запрашан за потребата од вооружување, одговори: „Ова се политички прашања, врз кои влијае и надворешниот притисок врз Европа. Претпочитам да не коментирам“.

Понатаму, Папата одговори на прашањето за можните дипломатски иницијативи што Светиот Престол би можела да ги преземе во следните месеци, истакнувајќи: „Во постојан дијалог сме со амбасадорите. Се трудиме да разговараме и со шефовите на држави кога ќе дојдат, секогаш барајќи решение“.

По кратката средба со новинарите, Папата се врати во Ватикан.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот