Во размислувањето посветено на Јубилејот на епископите, папата Лав XIV нагласи дека епископите треба да бидат сведоци на надежта преку пример на „живот цврсто втемелен во Бога и целосно посветен на службата во Црквата“.
Епископите, пред да бидат пастири, се овци и членови на стадото Господово – рече папата Лав во среда 25 јуни 2025 година, во размислувањето упатено до епископите кои по повод нивниот Јубилеј поминаа низ Светата Врата на базиликата „Свети Петар“.
„Ако сакаме навистина да ги водиме Црквите што ни се доверени“, истакна тој, „мораме да дозволиме Исус, Добриот Пастир, длабоко да нè преобрази, така што целосно ќе се усогласиме со Неговото Срце и со таинството на Неговата љубов“.
Повикувајќи се на мотото на Јубилејот 2025 – „Надежта не разочарува“ – Светиот Отец размислуваше за тоа како епископите се повикани да бидат „сведоци на надежта“, преку живот „цврсто втемелен во Бога и посветен на Црквата“.
Видлив знак на единството
Папата го започна размислување со улогата на епископот како „видлив принцип и основа на единството“ во сопствената помесна Црква. „Неговата задача е да гради заедништво – и во рамките на својата епархија и со целата универзална Црква“, објасни тој, „преку поттикнување на различните дарови и службите што му се дадени на Божјиот народ, за негово духовно созревање и за проширување на Евангелието“.
Во оваа служба, додаде тој, епископот е поддржан со „посебна божествена благодат“, која го прави „учител на верата“, „слуга на осветувањето“ и „посветен слуга на Божјото Царство“.
Човек на теолошки живот
Епископот е, пред сè, „човек кој живее теолошки живот“, односно личност отворена и послушна на поттикнувањата од Светиот Дух, исполнета со вера, надеж и љубов.
Како човек на вера, епископот – по примерот на Мојсеј – „гледа напред, ја предвидува целта и истрајува во време на искушенија“, дејствувајќи како посредник. Со силата на надежта, тој им помага на своите верници да не подлегнат на очај, не само преку зборови, туку преку своето присуство, „не нудејќи лесни решенија, туку сведоштво во заедници кои се стремат да го живеат Евангелието во едноставност и солидарност“.
Крепостите на верата и надежта, според Папата, се соединуваат во ликот на епископот како „човек на пастирска љубов“, кој постојано е вдахновен од милосрдието на Христос – Пастирот. Црпејќи сила од Евхаристијата и од својот молитвен живот, епископот е жив пример за братска љубов кон сите што му се доверени.
Суштински крепости на епископот
Папата понатаму истакна неколку суштински крепости што мора да го карактеризираат секој епископ: пастирска разумност, евангелска сиромаштија и совршена воздржаност во целибатот.
Посебно подвлече дека епископите треба да бидат цврсти и решителни при справувањето со ситуации кои можат да предизвикаат соблазна, особено во случаи на злоупотреби – и тоа во целосна согласност со црковното и граѓанското право.
Дополнително, рече Папата, епископите треба да ги негуваат и човечките крепости, особено оние што ги нагласува Вториот Ватикански собор: праведност, искреност, самоконтрола, трпеливост, способност за слушање и дијалог и дух на служба.
Луѓе на заедништвото
На крајот од размислувањето, папата Лав ја изрази својата надеж дека молитвите до Пресвета Богородица, Свети Петар и Свети Павле ќе ја измолат за епископите и нивните заедници потребната благодат.
Посебно се помоли тие да бидат „луѓе на заедништвото“, секогаш поттикнувајќи единство во рамките на епархискиот презвитерат, бидејќи, како што рече: „Таквиот дух на заедништво ги охрабрува свештениците во нивното пастирско служење и ја прави помесната Црква да расте во единство“.
Ватикан њуз/к.мк