Папата: Кој го познава Исус никогаш нема да очајува

Папата: Кој го познава Исус никогаш нема да очајува

Никогаш не очајувајте, бидејќи Господовата милост секогаш е тука за оние кои се надеваат на Него – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, на 25 октомври 2017 година, на која денеска ја заврши серијата катехези за христијанската надеж.

Илјадници поклоници и посетители учествуваа на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар и го слушаа Светиот Отец како зборува за љубовта во небото. Во својата катехеза со наслов: „Небото – цел на нашата надеж“ Папата нагласи дека љубовта Божја нема крај и објасни дека небото не е некое место од приказните или волшебна градина. Небото е едноставно прегратка со Бог: тоа е најдобриот начин како да се објасни небото. Тука се чувствува неговата неизмерна љубов кон луѓето.

Во своето размислување се задржа на делот од Евангелието според Лука (Лука 23,34.38-42), каде се зборува за разбојниците кои беа распнати заедно со Исус. Едниот се исмејува со Исус, додека другиот побара од Исус да му се смилува. Папата во катехезата најпрво објасни што е тоа „рај“. Интересно, тој збор се појавува само еднаш во Евангелијата, и тоа кај Лука, и тоа на самиот крај на Исусовиот одговор до разбојникот, кој понизно го молеше да се сети кога Тој ќе дојде во своето царство.

Тој разбојник сфатил дека таму каде што е Исус може да се најде милосрдие и среќа. Од другата страна, каде не може да се најде Господ, таму владее студенило и темнина. Како и на Генералната аудиенција минатата среда, Папата повторно зборуваше за смртта: Во тој момент Исус е присутен во секој човек; Тој ги придружува умрените до најубавото можно место. Тој сака таму повторно да нѐ здружи со оние кои одиграле важни улоги во нашите животи – реча Папата.

На тој начин ништо нема да биде изгубено, она што Господ веќе го откупи – објасни Светиот Отец. Истовремено Исус го носи и „нашиот патнички багаж“, кој е потребен за откупување. Во него се вбројуваат сите гревови и грешки, кои сме ги направиле во своите животи. Бог сето тоа го преобразува во љубов – рече папата Фрањо.

Разбојникот кој се покајал им зборува и на денешните луѓе да се свртат кон Бог – продолжи Папата. Господ оди толку далеку што ги прифаќа луѓето и ги љуби, и покрај нивната омраза и подготвеност за насилство. Тука е искажана потполната Божја солидарност со сите грешници, бидејќи секој човек е љубено дете Божјо. Како милосрдниот татко и Тој чека со отворени раце на секој поединец, сѐ до крајот на нашиот живот – напомена папата Фрањо.

Ако веруваме во тоа, тогаш исчезнува стравот од смртта. Можеме да се надеваме дека од овој свет ќе заминеме мирно, со потполна доверба. Кој го запознал Исус нема причина за страв – истакна Папата. И ние можеме заедно со старецот Симеон да кажеме: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои;. зашто очите мои го видоа спасението Твое“ (Лука 2,29-30).

На крајот Светиот Отец напомена дека во тој момент повеќе ништо нема да ни треба, бидејќи ќе гледаме на јасен начин, ќе помине сѐ освен љубовта која останува, бидејќи „љубовта никогаш не престанува“ (1 Коринтјани 13,8) – вели свети Павле во посланието до Коринтјаните.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот