Папата: Комуникацијата треба да гради мостови

Комуникацијата треба да гради мостови, да лечи рани и да допре до срцата на многу луѓе – порача папа Фрањо во пораката за 50 Светски ден на социјалните комуникациите, на тема: „Комуникација и милосрдие: плодоносна средба“. Во објавениот текст, Папата истакнува дека вистинската сила на комуникацијата се наоѓа во близината и од христијаните се бара да соопштуваат вистина со љубов, не осудувајќи ги луѓето. Поттикна и на социјалните мрежи да се направи место за милосрдие, каде што предност се дава на меѓучовечките односи.

Она што го зборуваме и како го говориме, секој збор и гест треба да изрази сочуство, нежност и Божја прошка за сé – стои во пораката. По својата природа, љубовта е комуникација, а зборувањето на Божјето милосрдие е сопствен говор и делување на Црквата – напиша Папата. Комуникацијата може да гради мостови и да ги забрза средбите и вклученоста. Повика зборовите да се користат за да „се излезе од злобните кругови на осудување и одмазда кои и понатаму во замка ги држат поединци и народи“.

Зборовите на христијаните – и тогаш кога треба силно да го осудуат злото – никогаш не се обидуваат да ги скршат односите. Старите рани може да ги заробат луѓето и да го спречат нивно комуницирање и помирување. Светиот Отец истакна дека во тие случаи милосрдието може да го обнови начинот на говор. Нагласи дека посака јазикот на политиката и дипломатијата да се инспирира со милосрдие. Затоа ги поттикна одговорните во институциите секогаш да бдеат над своите начини на изразување.

Би сакал нашиот начин на комуницирање, како и нашето пастирско служење во Црквата – рече Папата – никогаш да не изразува арогантна гордост за триумфот над непријателите и да не ги понижува оние кои менталитетот на овој свет ги смета за губитници што треба да се отфрлат. Можеме и треба да ги судиме грешните ситуации, но не можеме да ги судиме луѓето затоа што само Бог може да ги види нивните срца – стои во пораката на Папата. Треба да го опомениме оној кој греши, осудувајќи ги злоделата и неправдите, но секогаш сеќавајќи се на тоа дека вистината е самиот Исус, „чие кротко милосрдие е мерка на нашиот начин на навестување на вистината и осудување на неправдата“.

Вистината треба да ја потврдуваме со љубов затоа што само така може да се допрат срцата на нас грешниците – напомена Папата, објаснувајќи: грубите или моралистичките зборови или гестови ризикуваат уште поголемо оддалечување на оние кои сакаме да ги доведеме на преобраќање и слобода, јакнејќи во нив чувство на отфрленост и одбрана.

Како одговор на тврдењето дека општеството е вкоренето во милосрдието на идеалистичкиот сон, Папата ги наведе семејствата како пример, напоменувајќи дека родителите нас нé сакаат и ценат поради она кои сме, а не поради нашите способности и успеси. Понатаму истакна дека да комуницираш значи да споделуваш, што пак бара слушање. А да слушаш значи многу повеќе отколку само да молчиш.

Светиот Отец, исто така, се осврна на дигиталната комуникација, која може да биде во целост хумана затоа што не е технологијата, туку човечкото срце она што што одредува дали комуницирањето е веродостојно или не. Изрази желба социјалните мрежи да дадат предност на меѓучовечките односи и да не ја фаворизираат понатамошната поларизација и поделба меѓу луѓето. На крајот нагласи дека средбата на комуникацијата и милосрдието е плодоносна во мера во која создава блискост. Во светот кој е поделен, да комуницираш со милосрдие значи да допринесеш близина помеѓу Божјите деца и браќата во човештвото – рече папа Фрањо.

РВ/Б.Р

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот