Обраќајќи им се на претседателите и ректорите на католичките колеџи и универзитети од САД, папата Лав XIV рече дека католичкото образование мора да негува не само љубов кон учењето, туку и голем копнеж за Христос, „Вистината“. Тој предупреди дека без тоа, студентите ќе бидат помалку подготвени да ја препознаат вистината и според неа да го обликуваат својот живот.
„Доколку католичкото образование не всади кај студентите вистинска страст за вистината, и тоа не само за интелектуалната вистина, туку и за Вистината, која е Самиот Христос (сп. Иван 14,6), тешко можеме да очекуваме луѓето да бидат подготвени да го вложат напорот потребен за да ја препознаат вистината и според неа да го усогласат својот живот.“
Ова го истакна папата Лав XIV во среда, 3 јуни 2026 година во Ватикан, обраќајќи се на делегација од Здружението на католички колеџи и универзитети од Соединетите Американски Држави, која престојува во Рим по повод нивниот Римски семинар за 2026 година.
Светиот Отец нагласи дека „католичките институции се повикани да бидат живи средини во кои христијанската визија проникнува во секоја дисциплина и во секоја интеракција“.
Охрабрувајќи ги претседателите и ректорите на универзитетите, тој рече: „Вашата автентичност како вистински Христови ученици сигурно ќе ви помогне да го пренесувате живото Евангелие на таков начин што оние што ви се доверени навистина ќе можат да се сретнат со Господ и во католичката вера да ја откријат обединувачката визија што само Вистината може да ја даде.“
Експерти со ограничена перспектива
Папата изрази желба нивните срца „уште повеќе да бидат восхитени од убавината на вистината и од величието на човештвото, создадено од Бога и искупено од Христос“.
Тој им понуди на воспитувачите и образовните дејци размислување за одлучувачката важност на католичкото образование во денешниот свет, во светлината на енцикликата Magnifica humanitas за заштита на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција, објавена на 25 мај.
Најнапред, Папата забележа дека светот на образованието денес се соочува со сè поголема фрагментација на знаењето.
Иако лесно може да се најдат луѓе кои се експерти во одредена област на студии, многумина од нив „се борат да најдат насока во својот живот“ и „честопати им недостасува целосна визија за реалноста, способна да ги обедини не само различните области на знаење, туку и многубројните аспекти на животот и внатрешните копнежи на човечкото срце“.
Во тој поглед, рече тој, католичкото образование има особено значајна улога.
Да им се помогне на студентите да ја засакаат Вистината, која е Исус
Светиот Отец призна дека младите мажи и жени студираат на колеџи и универзитети за да стекнат одредена диплома, често мотивирани од идните можности за работа. Затоа ги охрабри образовните дејци да ја прифатат својата „благородна задача да ја водат таа желба за знаење, за студентите да научат да ја бараат и љубат вистината, да размислуваат за смислата на животот и да го препознаат достоинството на секоја личност“.
Папата призна дека „тоа не е лесна задача“, но нагласи дека е неопходна за да им се помогне на студентите да откријат страст кон Христос, кон своите академски стремежи и кон одговорното живеење на својот живот.
„Здравата наука“ е клучна за нивниот живот и за иднината на САД
Папата Лав се осврна и на тоа како неодамнешните технолошки достигнувања носат бројни предизвици за светот на образованието.
„Широката употреба на вештачката интелигенција“, забележа тој, „сè повеќе го отежнува оценувањето на работата на студентите, барајќи од образовните дејци креативно да ги приспособат своите методи за да обезбедат интегрално човечко формирање на оние што им се доверени, дури и кога тоа подразбира повеќе работа за наставниците. Во оваа смисла, мора да бидеме подготвени великодушно да инвестираме во образованието на идните генерации.“
„Од клучно значење е младите мажи и жени да научат позитивно да се однесуваат кон новите технологии, а истовремено“, нагласи Папата, „вистински да ги развиваат своите од Бога дадени вештини и способности за расудување, критичко размислување и усвојување на знаењето, со што ќе се подготват одговорно да го обликуваат светот што доаѓа.“
На крајот, папата Лав изрази надеж дека додека просветните работници продолжуваат да ја извршуваат евангелизациската мисија на Црквата, „студентите секогаш ќе можат во вашите институции да ја најдат здравата наука, доверена на Црквата, која ќе служи како вистинска и трајна основа не само за нивниот живот, туку и за иднината на нацијата“.
Ватикан њуз/к.мк

